Спречува мигрени, камења во бубрезите, ги топи килограмите: Причините поради кои секојдневно треба да се консумира поголемо количество вода

Точка

20/12/2024

19:47

1.049

Големина на фонт

а а а

Добро е познато дека одржувањето на хидратацијата е важно за човековото здравје, но новото истражување детално ги обработува сите различни придобивки кои доаѓаат со консумирањето на доволно количество вода.

Истражувачите од Универзитетот Калифорнија, Сан Франциско (UCSF) прегледале 18 претходни студии, во кои учествувале во просек 48 лица, а повеќето студии ги покажаа придобивките од пиењето на големи количества вода.


Досега, истражувањата за високите нивоа на внес на вода – повеќе од осум чаши дневно – не донесоа цврсти заклучоци за здравствените придобивки, бидејќи резултатите се разликуваа поради фактори како што се пол, возраст и животна средина. Овој неодамнешен преглед на истражувањата покажува дека постои нешто повеќе од самото чувство на освежување кога станува збор за пиењето големи количества вода.

„Иако обемот на ригорозни истражувања беше ограничен, постоеше статистички значајна придобивка во некои специфични области. Според нашите сознанија, ова е прва студија која ги проценува придобивките од консумирањето на вода на клиничките резултати воопшто“ вели урологот Бенџамин Брејер од UCSF, пишува „Science Alert“.

Од слабеење до превенција на мигрена и контрола на дијабетесот

Важно е да се спомене дека придобивките од пиењето на големи количества вода не биле секогаш јасни во студиите кои ги анализирале истражувачите – всушност, само 10 од 18 претходни студии покажале јасно мерливи позитивни резултати.

Најголемите придобивки поврзани со пиењето повеќе вода беа намалувањето на ризикот од камења во бубрезите и помош при слабеењето. Индивидуалните студии исто така покажаа дека поголемата потрошувачка на вода е поврзана со спречување на мигрена и инфекции на уринарниот тракт, како и со контролата на дијабетес и нискиот крвен притисок.


Ниту едно од прегледаните истражувања не беше доволно ригорозно во своите методи за да може да се докаже причинско-последичната врска, но тие сепак даваат навестување за различни области на здравјето каде што пиењето повеќе вода може да биде корисно.

Науката е недвосмислена кога станува збор за тоа што се случува со телото кога не добива доволно вода – дехидрација која е поврзана со пократок животен век и зголемен ризик од голем број хронични болести. Водата ја користиме за разладување и исфрлање на отпадните материи, а загубата на вода треба постојано да се надоместува.

Колку вода треба да се пие дневно?

Според Светската здравствена организација, се препорачува внес на околу 3,2 литри вода дневно за мажи (приближно 14 чаши) и 2,7 литри дневно за жени (11 чаши) – ако човек живее во област со умерена клима. Сепак, ова ќе варира во зависност од телото на поединецот и околината.


Како и вообичаено, најдобро е да се консултирате со вашиот лекар за тоа дали промените во внесот на храна и пијалаци би биле соодветни за вас. Како што покажа една претходна студија, слушањето на сопственото тело е исто така добра идеја.

„Знаеме дека дехидратацијата е штетна, особено кај луѓе со историја на камења во бубрезите или уринарни инфекции. Од друга страна, лицето кое страда од често мокрење може во некои ситуации да има корист од намалениот внес на вода. Не постои универзален пристап кај консумацијата на вода“ вели Брејер.