Крај на една ера: Бендот „Рибља чорба“ по 46 години престанува да постои! Без Бора немаат иднина...

Точка

11/09/2024

10:32

13.114

Големина на фонт

а а а

Со заминувањето на легендарниот рокер Бора Ѓорѓевиќ, кој почина минатата недела по долга и тешка болест, музичарите кои го сочинуваа овој бенд одлучија повеќе да не настапуваат, дознава српски „Курир“.

Бендот „Рибља чорба“ по 46 години повеќе нема да постои, пренесуваат српските медиуми.


Во деновите по смртта на Бора, кружеле приказни дека „Рибља чорба“ ќе го продолжи својот век на траење во некоја друга форма. Прво се споменувала варијантата „трибјут“ бенд, што значи дека некој пејач ќе продолжи да изведува стари песни во исти или слични аранжмани на концертите, а потоа се зборувало дека Ѓорѓевиќ може да го наследи некој од пејачите, како Павло Дејаниќ, кој заедно со остатокот од бендот би снимал и нови песни.


Меѓутоа, пишува српски „Курир“, од тоа нема ништо. Одлуката за расформирањето на „Рибља чорба“ ја донеле токму музичарите кои со години и децении свиреа со Бора, а тоа ќе го направат по објавувањето на последниот албум „Љубав и смрт“, кој Ѓорѓевиќ го подготвувал додека бил жив.


Да потсетиме, Бора Ѓорѓевиќ почина на 72 години, на 4 септември. Лекарите две недели се бореа за неговиот живот, но за жал, не успеаја да го спасат. Неговата здравствена состојба неодамна се влоши, поради што беше хоспитализиран. На Бора му беше дијагностициран рак на простата во 2019 година. Потоа, здравствената состојба ја доведе во нормала, продолжи со настапите, а сними и песна која опишува како тогаш се чувствувал.