Исак Андич, милијардерот и основач на познатиот моден бренд Манго, почина вчера во несреќа, соопшти компанијата. Несреќата се случила додека планинарел во близина на пештерите Салнитра во Колбато, недалеку од Барселона, додека тој бил придружуван од семејството.
Според извештаите, Андич се лизнал на пешачката патека и паднал во бездна длабока околу 150 метри.
Каталонската полиција ја примила дојавата за несреќата, вчера нешто пред 13 часот, а на местото на настанот пристигнале планинарски тимови за цивилна заштита и хеликоптерска поддршка.
Инаку Исак Андич бил роден во 1953 година во Истанбул во сефардско еврејско семејство, а во 1969 година се преселил во Барселона. Заедно со неговиот брат Нахман, тој го основа Манго во 1984 година, кој прерасна во глобален моден бренд со повеќе од 2.700 продавници во повеќе од 110 земји.
Претседателот на каталонската влада, Салвадор Ила, го истакна неговиот придонес кон каталонската економија и модната индустрија, изразувајќи сочувство до семејството и тимот на Манго. Извршниот директор на компанијата Тони Руиз рече дека Андич бил инспиративен лидер чија визија и посветеност ќе останат запаметени.
Богатството на Андич беше проценето на 4,5 милијарди евра, што го правеше еден од најбогатите жители на Шпанија.