Ноќните клубови и дискотеките во Грција, без разлика дали се од отворен или затворен тип, ќе работат само за вакцинираните и за оние кои прележале ковид-19, јавува дописничката на МИА од Атина.
Новите мерки кои денеска ќе стапат во сила, прво се однесуваа само на затворени простории, но во објавената одлука од министерствата има промени во однос на ноќните клубови.
Во рестораните и кафулињата, само вакцинирани гости ќе можат да седат во внатрешните делови, додека ноќните клубови, дали од отворен или од затворен тип, ќе примаат само вакцинирани гости.
Оваа мерка за грчкиот ноќен живот ќе важи и за туристите, а при влез ќе се врши проверка на сертификат за вакцинација или прележан ковид преку апликацијата "Covid free GR" и лична документација.
Ноќните клубови ќе работат со 85 отсто од капацитетот и исто како и во кафулињата забрането е стоење, па гостите мора да седат.