Земјата уште еднаш нè потсети на својата непредвидлива моќ со силниот земјотрес кој го погоди Мјанмар, но знаете ли кој е најсилниот регистриран земјотрес од почетокот на мерењата?
Големиот чилеански земјотрес или Гран Теремото де Чиле од 1960 година е најсилниот земјотрес што некогаш бил регистриран. Бил со јачина од 9,5 степени според Рихтеровата скала и траел 10 минути. Неговиот епицентар бил во близина на Лумака, приближно 570 километри јужно од Сантијаго. Најголема штета претрпел градот Валдивија, па земјотресот често се нарекува и земјотресот во Валдивија.
Најсилниот регистриран земјотрес се случил во неделата, 22 мај 1960 година, во 15:11 часот по локално време, а го „најавиле“ три големи земјотреси кои подоцна колективно биле наречени „Conception“, од кои најсилниот, со јачина од 8,1 степени според Рихтеровата скала, се случил претходниот ден, а третиот, со јачина од 7,9 степени, се случил само 15 минути пред големиот чилеански земјотрес.
Земјотресот бил почувствуван низ цела Јужна Америка, како и во Нов Зеланд и Австралија, а Валдивија ја израмнил со земја. На земјотресот му претходел апокалиптичен дожд, па поплава, така што снемало струја и вода за пиење, што дополнително ја влошило ситуацијата, како и бројните одрони кои затрупале цели делови од земјата.
Се проценува дека загинале речиси шест илјади луѓе, а материјалната штета била огромна. Земјотресот предизвикал мегацунами што, покрај чилеанскиот брег, ги зафатил и Хаваите, Јапонија, Филипини, источен Нов Зеланд и југоисточна Австралија, предизвикувајќи голема штета и стотици загинати.
Два дена по земјотресот еруптирал и вулканот Кордон Коле, но за среќа ерупцијата не предизвикала големи штети. Последователни земјотреси го треселе Чиле до 1 ноември истата година, од кои најсилниот бил со јачина од 7,7 степени.
Инаку Чиле се наоѓа во Огнениот прстен на Пацификот, една од сеизмички и вулкански најактивните области во светот, а низ историјата силните земјотреси таму однесоа стотици илјади човечки животи. Последниот голем земјотрес – со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала – ја потресе земјата не толку одамна во 2010 година.