Беспилотно летало, за кое постои сомневање дека е руско, навлезе во полскиот воздушен простор доцна синоќа за време на руски напад врз западна Украина – само три дена откако руски ракети паднаа на територијата на оваа земја-членка на НАТО.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека биле активирани системите за противвоздушна одбрана и дека воените радари постојано го следеле движењето на леталото. Иако воените власти дале одобрение за негово соборување, сепак одлучиле да не отвораат оган откако леталото го променило курсот, наведувајќи го како причина потенцијалниот ризик за цивилите.
Од Командата наведоа дека ситуацијата постојано се следи и дека полската противвоздушна одбрана останува подготвена да одговори на какви било понатамошни закани. Според полското радио RMF24, повикувајќи се на извори блиски до полското Министерство за одбрана, станувало збор за извидувачко беспилотно летало на млазен погон, опремено со камери за надзор.
Како што се наведува, леталото навлезе во полскиот воздушен простор во близина на Дорохуск, во регионот Лублин во источна Полска, каде што се задржало неколку минути пред да се врати на украинска територија. Во неколку полски градови се огласија сирените за воздушна опасност, а властите ги повикаа жителите да побараат засолниште. Подоцна, тревогата беше укината.












