Закани, следење и физички напади: Полицијата приведе осум лица по пријави за семејно насилство

Макфакс

22/11/2026

16:08

90

Големина на фонт

а а а

Полицијата во неколку градови во Македонија приведе осум лица по пријави за семејно насилство, вклучувајќи физички напади, закани и агресивно однесување, а за неколку случаи се поднесени и кривични пријави.

Осум лица се лишени од слобода вчера и рано утрово по пријави за физички напади, закани, агресивно однесување и непочитување судски мерки за заштита од семејно насилство, информираат од Министерството за внатрешни работи. Полицијата поднела и две кривични пријави за одделни случаи во Кочани и Делчевско, а извршила и службен разговор по пријава за напад врз партнерка во Скопје.

Кочани

Во Кочани, полицијата утрово во 2:30 часот го лишила од слобода К.А. (40). Според пријавата, тој во домот на роднини на неговата сопруга физички ги нападнал своите малолетни деца и други членови на семејството. За случајот е известен јавен обвинител, а по неговото документирање ќе следува соодветна пријава.

Тетово

Во Тетово, полицијата синоќа во 21:20 часот на улицата „Илинденска“ го лишила од слобода Ј.М. (49) од гостиварското село Балин Дол. Неговата 38-годишна сопруга, со која е во бракоразводна постапка, пријавила дека тој ја следел и ѝ се заканувал. Според пријавата, вчера околу 17:05 часот дошол во салонот каде што таа работи, по што настанала вербална расправија во која ѝ се заканил дека ќе ѝ ги одземе двете заеднички малолетни деца. За случајот се известени јавен обвинител и Центарот за социјална работа во Тетово. Ј.М. е задржан во полициска станица, а по документирањето на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Кичево

Во Кичево, вчера во 16:20 часот бил лишен од слобода З.З. (56) од Кичевско, кој, според полицијата, не го почитувал судското решение со кое му биле изречени привремени мерки за заштита од семејно насилство кон неговата 49-годишна сопруга, со која е во бракоразводна постапка.

Македонска Каменица

Во Македонска Каменица, полицијата синоќа во 20:30 часот го лишила од слобода Г.Г. (34), по пријава дека ѝ се заканувал и физички ја нападнал својата 23-годишна сопруга. За случајот е известен јавен обвинител. Во Гостивар, во 23 часот бил лишен од слобода и задржан во полициска станица М.Е. (32). Неговата 28-годишна сопруга пријавила дека тој ѝ се заканувал по телефон додека била со двете малолетни деца во Медицинскиот центар во Гостивар.

Куманово

Во Куманово, во два одделни случаи, полицијата вчера ги лишила од слобода М.М. (26), по пријава дека се однесувал агресивно кон својата мајка, и Б.С. (38), по пријава дека физички ја нападнал својата поранешна сопруга.

Струмица

Во Струмица, полицијата го лишила од слобода Д.К. (36), кој, според пријавата, синоќа околу 20:50 часот се однесувал агресивно кон Б.К. (52) пред нејзиниот семеен дом. При алкотестирањето му биле измерени 2,58 промили алкохол. Тој бил задржан во полициска станица, а за случајот бил известен јавен обвинител.

Чаир

Во Полициската станица Чаир, пак, вчера бил извршен службен разговор со Е.Б. (44) од Скопје, по пријава дека физички ја нападнал својата 39-годишна партнерка. Од МВР информираат дека по документирањето на овие случаи ќе следуваат соодветни пријави или поднесоци.

Кривични пријави

Одделението за внатрешни работи Кочани поднело кривична пријава против Ј.Д. (67) од Кочани поради основи на сомнение за „загрозување на сигурноста“. Според полицијата, тој на 3 ноември во семејната куќа се однесувал агресивно кон сопругата и ѝ упатувал закани.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднела кривична пријава против А.Л. (45) од делчевско село поради основи на сомнение за „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. Според полицијата, пријавениот на 7 ноември во семејниот дом го навредувал своето 13-годишно дете, а следниот ден се обидел да го нападне со стаклен предмет, по што дошло до пресметка меѓу нив.