При реставрацијата на споменикот во Истанбул се евидентирани шест подземни простории и девет тунели. Археолозите ја истражуваат староста на новооткриените слоеви.
Под Аја Софија во Истанбул досега се расчистени 420 метри тунели. Турските власти разгледуваат дали дел од подземната мрежа може да се отвори за посетители, соопшти министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој при увидот на 20 ноември, пренесува Анадолу.
Според податоците што ги претстави министерот, од двата градински дела на комплексот се отстранети речиси 3.000 тони насипен материјал. Во западната градина се евидентирани шест подземни простории поврзани со девет тунели. Седум се расчистени, а останатите два се документираат, пишува Еуроњуз.

Внатрешноста на Аја Софија во Истанбул. Фото: Julian Lupyan / CC0. Кавер: Yair Haklai / CC BY-SA 4.0.
Најдолгиот тунел е долг 180 метри. Истражувачите проверуваат дали бил поврзан со историската патна мрежа на Константинопол. Други делови, според првичните процени, можеби служеле за распределба на вода и одведување на дождовницата.
При увидот за текот на работите информирал и професорот Хасан Фират Дикер, член на научниот совет. Во подземна гробница се откриени и градбени слоеви под претходно познатото ниво на подот. Нивната старост сè уште се утврдува. Денешната градба на Аја Софија потекнува од шестиот век, од времето на царот Јустинијан.












