На 21 септември 2023 година, на Габриела Станиќ ѝ се срушил светот. Го изгубила синот Иван, кој трагично починал за време на ТикТок предизвик. Откако го пронашла неговото безживотно тело, од шок завршила во болницата „Свети Иван“. Но, на најлошиот ден во нејзиниот живот, наместо утеха, во болницата доживеала нов шок.
„Почнав да плачам и реков дека сакам да си одам дома. ‘Нема да си одиш дома, нема да си одиш дома, нема да си одиш дома’. Ме зграпчија, седнаа врз мене, ме пцуеја. Беа тројца или четворица. Јас бев слаба и без сила од шокот, бидејќи немаа поминато ни 12 часа откако го симнав моето починато дете од бесилка“, го опишува своето искуство од психијатриската болница Габриела Станиќ од Самобор.
Како што вели, персоналот многу го нервирало тоа што неутешно плачела. Агонијата траела со часови. Најмногу ја понижила докторката од која, бидејќи била жедна, побарала чаша вода.
„Ја стави водата на ноќната масичка, која беше оддалечена можеби два метра од креветот. Јас реков: ‘Не можам да стигнам до водата бидејќи сум врзана’. Таа рече: ‘Тогаш гледај ја. Нема да ја добиеш додека не престанеш да плачеш, а сега гледај ја’“.
Страшно искуство во истата болница доживеала и една млада жена од јужниот дел на Хрватска. Поради проблеми со алкохолот, доброволно побарала помош во „Свети Иван“. Наместо лекување, тврди дека техничар, кого го гризнала за време на интервенција, за малку ќе ја задавел.
„Тој зеде навлака од перница, ја завитка, бидејќи очигледно тоа го налути. Стоеше точно зад мене додека петмина ме држеа и ме влечеше за пределот околу гркланот, постојано влечеше. Не можев да дишам. Воопшто“, вели поранешната пациентка на болницата.
Страшни сведоштва на поранешни пациенти на болницата „Свети Иван“
„Колку пати ви се случило тоа?“
„Шест пати!“
„Шест пати ве претепале?“
„Да“.
Страшно искуство имал и еден млад човек од северна Хрватска, кој во психијатриската болница бил дури 16 пати. Се бори со шизофренија, но наместо помош, тврди дека и тој добивал ќотек од персоналот.
„За време на моето последно лекување, значи околу 15 дена пред смртта на Кристијан Јосип Периш, се однесуваа сурово кон мене. Ме гушеше и влезе во физичка пресметка со мене. Ме удираше по десното колено, а не стигна да ме удри по левото. Имав модринка на левото рамо. Колку повеќе врескате, толку повеќе ве тепаат“, раскажува поранешниот пациент на болницата „Свети Иван“.

Ова се само некои од многуте потресни сведоштва. Приказните се различни, но описите на постапувањето се речиси идентични.
„...Техничарот за малку ќе ме задавеше со навлака од перница...“
„...Ме врзаа за рацете и нозете многу цврсто. Ми ставија пелени и маска преку лицето, така што не можев да дишам. А најлошо беше тоа што ги молев за малку вода. Не ми дадоа...“
„...Двајца лекари ме притиснаа со колената во пределот на торзото, а еден ме удираше со тупаница во тилот...“
„...Четворица-петмина се нафрлија врз мене и насилно ми дадоа инјекција за смирување. Почнав да врескам, а една од медицинските сестри зеде перница и ми ја стави на лицето...“
„...Ме гушеше додека не престанам да врескам. Едвај се извлеков жива...“

„...Нè влечеа за вратот, нè соблекуваа пред сите, ни викаа и нè навредуваа...“
Особено вознемирувачки се сведоштвата за однесувањето на машките техничари кон пациентките.
„Жените стоеја во ред за туширање. Оние што не можеа сами да се соблечат, тие ги соблекуваа. Им се потсмеваа, се потсмеваа ако некоја беше дебела, ги исмејуваа нивните тела“, вели Габриела.
Еден од техничарите на снимката е дилер?
Но, физичкото и психичкото насилство, тврди друга соговорничка, не е единствениот проблем. На одделението на кое пациентите би требало да се лекуваат од зависности, наводно, без поголеми проблеми може да се дојде до алкохол и дрога. На снимката од гушењето на Кристијан Јосип Периш, како што вели, препознала техничар кој се занимава со дилерство.
„Ја препознав личноста на снимката. Од него можевте да набавите. Луѓето кои се зависни од некакви опијати или дрога, само него го прашуваат“, вели поранешната пациентка.

Некои од соговорниците се обиделе да го пријават она што го доживеале. Но, наместо охрабрување, тврдат дека добивале пораки дека нема смисла да се борат.
„Му се јавив на мојот приватен психијатар и тој ми рече дека борбата против системот не функционира“, вели поранешниот пациент.
Сепак, Габриела одлучила дека вреди да се бори. Три години откако го изгубила синот и првпат завршила во болница, таа јавно проговорила за својата траума. Ја поттикнала снимката од смртта на Кристијан Јосип Периш. И денес, како што вели, нема одговор на едно прашање – зошто во болницата се однесувале толку нечовечки кон неа во моментот кога била најранлива.
„Зошто го прават тоа, зошто ме врзаа, зошто сакаат да ми наштетат? Јас не сум виновна, за ништо не сум виновна“, вели Габриела.
Колку вакви трауматични искуства има во установите низ Хрватска, никој не знае. Но, снимката од последните моменти на Кристијан Периш и потресните сведоштва на соговорниците предупредуваат дека нешто мора да се промени. Луѓето доаѓаат во болниците по помош, а не за да се борат за своето достоинство – и за сопствениот живот.
















