Полскиот претседател, Карол Навроцки по вторпат стави вето на законот за регулирање на интернет-содржините, со кој европскиот Акт за дигитални услуги требаше да се вклучи во националното законодавство.
Навроцки ја образложи одлуката со тврдењето дека законот им дава преголеми овластувања на државните службеници да ја контролираат слободата на говорот на интернет.
„Не е на службениците да одлучуваат дали некоја содржина претставува кривично дело. За тоа одлучуваат исклучиво независните судови“, порача тој.
Предлог-законот предвидуваше регулаторите да можат да наложат блокирање содржини што содржат закани и повици на насилство, додека судовите би одлучувале по жалбите.
Одлуката предизвика остри реакции во Владата, особено по неодамнешните напади со нож во полските училишта.
Премиерот, Доналд Туск, го критикуваше претседателот, нагласувајќи дека заштитата на децата од криминалци на интернет треба да биде прашање што ги обединува сите политички страни.
„Тешко е да се замисли поважно прашање што треба да ги обедини луѓето без оглед на политичките поделби. Сепак, тој стави вето“, напиша Туск.
Министерот за дигитални прашања, Кшиштоф Гавковски, оцени дека со ветото се овозможува ширење омраза и насилство на интернет.
Навроцки, пак, ја обвини Владата дека ги злоупотребува трагичните настани за да протурка правила што би ѝ овозможиле речиси произволна контрола врз интернет-содржините.
Ова е вкупно 48. владин закон на кој Навроцки ставил вето откако Туск ја презел премиерската функција. Владата најави подготовка на нов предлог-закон.








