Уапсен 32-годишен маж во Србија, пронајдени импровизирани експлозивни направи и десетици заштитни елеци

Макфакс

24/10/2026

13:20

222

Големина на фонт

а а а

Во координирана акција во Србија, полицијата уапсила 32-годишен маж кај кого биле пронајдени импровизирани експлозивни направи и голем број заштитна опрема. Истрагата опфаќа и други осомничени лица поврзани со планирање насилство на изборниот ден и подготовка на активности против уставниот поредок.

По налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, во координирана акција со Основното јавно обвинителство во Нови Сад и припадници на Безбедносно-информативната агенција (БИА), полицијата уапсила 32-годишен маж со иницијали Д.А., осомничен за недозволено производство, поседување и трговија со оружје и експлозивни материи, како и за дела поврзани со подготовка на активности против уставниот поредок и повикување на насилна промена на уставното уредување на Србија.

При претресите, извршени со судска наредба во просториите што ги користел осомничениот, биле пронајдени големо количество импровизирани експлозивни средства, опасни предмети, пиротехника и заштитна опрема.

Меѓу пронајдените предмети имало импровизирани експлозивни направи со фитил, лименки со фитил, плинска боца со прицврстена петарда и повеќе пакувања огномет. Полицијата пронашла и 23 челични противпешадиски пречки, 84 импровизирани пречки направени од клинци, 88 заштитни елеци, 93 заштитни шлемови и 98 пара заштитни ракавици.

На осомничениот му е одреден притвор до 48 часа, во кој рок треба да биде изведен на сослушување пред Вишото јавно обвинителство во Белград.

Претходно уапсени петмина осомничени за планирање насилство на изборниот ден

Во средата, во координирана акција на полицијата, обвинителствата и припадници на БИА, биле уапсени Марко Веин и уште четворица мажи, поради сомнение дека планирале насилство, предизвикување немири и напади врз политички неистомисленици и полицајци на изборниот ден во Белград.

По сослушувањето, на петтемина им бил одреден притвор со одлука на Вишиот суд во Белград, на предлог на обвинителството.

Според сомневањата на истрагата, Веин наводно регрутирал луѓе кои требало да постапуваат според неговите наредби и набавувал оружје и други средства за извршување насилство врз политички неистомисленици и полицијата.

Се истражува и сомнението дека осомничените повикувале и поттикнувале насилно соборување на највисоките државни органи.

Според информациите објавени во српските медиуми, Веин наводно планирал да дојде во Белград со околу 80 лица, со цел да предизвикаат сериозни немири. Во извештаите се наведуваат и сомневања за планови за палење автомобили, напади врз политички противници и фрлање молотови коктели од скутери, како и закани со нож кон кандидат за пратеник од Српската напредна партија.

Во одделен случај, полицијата го уапсила и Срѓан Илиќ од Земун, осомничен дека организирал и обучувал поголем број лица за предизвикување насилство на денот на изборите и по нив. Акции поради сомневања за подготовка на насилство биле спроведени и во Нови Сад и Врњачка Бања.

Сите наведени дејствија се предмет на сомневања и истраги, а вината на осомничените треба да биде утврдена во судска постапка.