Сестрата на актерот Метју Пери, кој почина на 28 октомври 2023 година, на 54-годишна возраст, се огласи во пресрет на третата годишнина од смртта на својот брат. Во првото интервју по таа трагедија, за американското списание „People“, таа откри непознати детали од животот на холивудската ѕвезда, а сè е поврзано со култниот ситком „Friends“, во кој тој го играше Чендлер Бинг.
Миа Пери Бовик, сестрата на Метју Пери, откри зашто една епизода од серијата била особено значајна за покојниот актер.
Во интервјуто за списанието „People“, објавено вчера, таа изјави дека венчавката на неговиот лик, Чендлер, со Моника (Кортни Кокс) во седмата сезона силно го погодила Пери, кој тогаш се вратил од рехабилитација.
„Сите знаевме колку е сериозно нарушувањето со кое се бореше, па постоеше тоа чувство: ‘Кој знае што ќе се случи?’“, рече таа, додавајќи дека употребата на дрога и алкохол се интензивирала меѓу петтата и седмата сезона на серијата. „Гледајќи ја таа венчавка, сите знаевме дека токму тоа го сака во животот. Сакаше партнерка, сакаше деца“, истакна таа.

Метју Пери, кој почина во 2023 година како последица на „акутните ефекти на кетаминот“, пишуваше за својата борба со зависноста во мемоарите од 2022 година, насловени „Friends, Lovers, and the Big Terrible Thing“ („Пријатели, љубовници и една голема, ужасна работа“). Како што наведува „Entertainment Weekly“, тој открил дека почнал да пие на 14-годишна возраст, пишувајќи: „За првпат во животот сфатив дека ништо не ме мачи. Бев исполнет, спокоен. Никогаш не сум бил посреќен отколку во тој момент“.
Пери пишуваше и за тоа како станал зависен од лек против болки по несреќата со џет-ски во 1996 година.
„И тоа беше тој ‘клик’ по кој трагав до крајот на животот“, напиша тој и нагласи: „Не можев да поверувам колку добро се чувствував; бев во состојба на целосна и чиста еуфорија. Се колнам во Бога, мислам дека следните три децении немаше да поминат онака како што поминаа доколку не го испиев тоа“.
Покојниот актер сега е тема на документарната серија на „Netflix“ во три дела, насловена „The One About Matthew Perry“ во која се појавува и Миа Бовик. Минатиот месец, таа за оваа стриминг-платформа изјави: „Ми беше потребно време за да почувствувам дека сум подготвена да ги споделам овие спомени и искуството на љубовта кон Метју низ сета сложеност на неговиот живот – да го согледам како целосна личност, а не само како Чендлер, ниту само како некој што се борел со зависноста“, рече Бовик, која инаку е лиценциран психотерапевт.

Таа додаде: „Како мој брат, тој влијаеше врз тоа каква личност сум денес, каква личност се стремам да бидам, како и врз работата на која ѝ го посветив животот. Метју имаше прекрасно срце и великодушен дух, дури и во најтешките моменти, умееше да ве насмее и да направи да се чувствувате сакано. Се надевам дека оваа серија ќе им овозможи на сите што го сакаа, без разлика дали го познавале лично или оддалеку, подлабоко да разберат кој навистина бил тој, како и какво наследство ни оставил“.











