[ВИДЕО] Александар Михајловски искрено во „Полиграф“, за разводот на родителите: „Никогаш не ми пречела новата сопруга на татко ми, повеќе не би можел да ги прифатам дечковците на мајка ми“

Точка

22/10/2026

10:11

1.243

Големина на фонт

а а а

Актерот Александар Михајловски, на социјалните мрежи познат како „Син на мајка“, отворено проговори за дел од своите лични искуства од детството, откривајќи желба која никогаш не успеал да ја оствари. Синот на познатиот македонски актер Тони Михајловски се наврати на периодот кога растел со разделени родители, зборувајќи за тоа како разводот влијаел врз неговото детство, но и за односот со татко му и предизвиците што ги носи презимето на неговото семејство.

Гостувајќи во „Полиграф“ кај Стефанатор, Александар искрено сподели дека една од работите за кои копнеел како дете била да замине на одмор со двајцата родители. За него, тоа не била само желба за заедничко патување, туку и можност да создаде спомени во кои ќе бидат присутни и мајка му и татко му.

Детските желби често се едноставни, но зад нив понекогаш се кријат многу подлабоки емоции. Во неговиот случај, желбата за заеднички семеен одмор била поврзана со искуствата што ги посакувал, а кои поради разделбата на родителите не успеал да ги доживее на начинот на кој можеби замислувал.

„Никогаш не сум ја имал таа слика во глава и можеби само ми фали како слика, да можам да се потсетам некогаш на такво нешто. Ама за тоа повеќе мечтаев кога бев мал, сега сум океј со тоа“, изјави Михајловски.

На прашањето дали тоа што е син на Тони Михајловски за него претставува повеќе товар отколку предност, актерот одговори потврдно.

„Би можело да се каже дека во одредени ситуации е повеќе товар. Најчесто знае да биде повеќе товар. Тоа е само поради тоа што во општеството во кое живееме е така како што е“, кажа Александар.


Михајловски зборуваше и за односот со татко му, демантирајќи дека во последниот период се оддалечиле.

„Можеби послабо комуницираме поради обврските што ги имаме, меѓутоа многу често се гледаме бидејќи водиме актерска школа заедно. Комуницираме и се гледаме. Тоа можеби било некогаш во минатото, меѓутоа тој секогаш ми бил мојот најдобар другар“, откри Александар.

На прашањето дали по разводот на родителите имал проблем да ја прифати новата сопруга на татко му, Александра, актерот одговори дека тоа никогаш не било случај.

„Никогаш не сум имал нешто такво кон новата жена на татко ми, кон Александра. Повеќе би рекол, никогаш не би можел да ги прифатам дечковците на мајка ми“, изјави тој низ смеа.


Александар откри и како настанал неговиот препознатлив прекар „Син на мајка“, под кој е познат на Инстаграм.

„Многу малку луѓе знаат дека на почетокот имав прекар ‘Син на еден познат актер’. Па сфатив дека сите сме мамини мази, сите синови се ‘син на мајка’, така што некако природно ми дојде ‘син на мајка’. И претходно имав уште еден прекар, тоа беше ‘The Beard the Dragon from Железара’“, раскажа Михајловски низ смеа.