Кристијан Киву ги посочи падот во концентрацијата и конфузијата како главни причини за непријатниот пораз од Клуб Бриж во Лигата на шампиони, но исто така тренерот на Интер призна дека тој добил лоша вест и од лекарскиот тим по крајот на средбата.
Поразот од 3:4 е уште поболен за италијанскиот првак ако се знае дека остана без својот капитен, кој поради мускулна повреда сега ќе паузира околу еден месец.
Лаутаро Мартинез беше светла точка на Интер и постигна два гола против Клуб Бриж, но сега нема да стои на располагање до крајот на месец ноември и ќе го пропушти и големото дерби против Милан.
– Јас не сум доктор, но ми кажаа дека е потребно околу еден месец за закрепнување. Тоа значи дека Лаутаро би се вратил по репрезентативната пауза која ќе следи во месец ноември, – изјави Киву.
Интер нема многу време за жалење за вториот пораз во Лигата на шампиони, бидејќи веќе денеска има тежок тест во Серија А и гостува во Болоња.







