Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, ги критикува промените во ставовите на Мицкоски во однос на рудникот Иловица и посочува дека додека беше опозиција беше против проектот, а сега како премиер поддржува отворање на нови рудници и распродажба на природните ресурси.
Како што седна во фотелјата така ги смени ставовите. Во 2023, додека беше опозиција, Мицкоски беше против отворање на рудникот Иловица и зборуваше дека „се брани приватен интерес на сметка на колективниот интерес на граѓаните во тој регион“ и најавуваше дека идната влада на ВМРО ќе го решава случајот, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Во 2026 Мицкоски е премиер и сега, додаде таа, ги смени ставовите, влезе во целосна распродажба на земјата, водата, рудата.
„Сега 5 нови рудници турка да се отворат. Противниците на антимонот вели дека „ќе налетаат на тврд орев“ и дека „нема повлекување““, рече Кузеска.
Прашањето е просто, доидаде таа, ако во 2023 здравјето на луѓето вредеше повеќе од рудник, зошто истиот принцип не важи за антимонот денес?
„Во 21 век не можат чиста и здрава вода да обезбедат. Не можат да го решат проблемот со фекалиите во водата. 11 недели нема извештај за водата во Гостивар, 50 населени места се со загадена вода, за Лепенец и Вардар нема одговорност. Има ли некој што верува дека антимонот нема да заврши во водата? Концесиите за Иловица ги даде ВМРО во 2012 и 2013. Мицкоски тогаш беше во кругот на Груевски. Во опозиција се прави заштитник. На власт го впишува рудникот во просторниот план до 2040“, рече Кузеска.
Таа му порача на Мицкоски да го праша народот што мисли за рудниците.
„Не само пред камери и за телевизија. Прашај го на референдум“, рече Кузеска.












