Земјоделецот го фрлија на пазарот, а откупувачите ги ставија под државен чадор, велат од Левица

Макфакс

22/09/2026

13:10

168

Големина на фонт

а а а

ДПМНЕ може уште сто пати хистерично да го прогласува македонското земјоделство за препородено и успешна приказна, но покрај фактите на терен, секојдневните сведоштва и бројките од државната статистика се брутални, велат од Левица.

Како што наведуваат, во првиот квартал од 2026 година вредноста на откупот од индивидуалните земјоделски производители се урнала за над 46,2%, а во вториот квартал е уште 15,1% под ланското ниво. На ова сега, додаваат од таму, се надоврзува уште поголем апсурд, односно, во август цените на средствата, услугите и инвестициите што влегуваат во земјоделското производство се за 7% повисоки, додека цените на земјоделскиот аутпут се за над 2% пониски од август 2025.

„Значи, земјоделецот плаќа повеќе за да произведе, добива полоша цена за произведеното, а вредноста на регистрираниот откуп токму од индивидуалните производители тоне.

Човек произведува за да живее од својот труд, но во аграрната математика на ДПМНЕ земјоделецот е замислен како доброволец, саможртвеник кој треба да вложува пари, труд и ризик од чиста добрина, дури и кога работи со загуба. Со ваква политика наскоро нема да има кого да “поддржуваат“, затоа што земјоделецот е човек што мора да живее од тоа што го произведува.

Кога земјоделецот е притиснат меѓу растечки трошоци и откупувач што може да му ја спушти цената додека родот му скапува, тогаш државата нема магично копче со кое ќе ја пропише секоја цена. Но, кога на винарските визби им е потребна ликвидност, државниот инструментариум одеднаш е многу конкретен и експресен – преку Развојната банка им предвидуваат кредитна линија од околу 12,9 милиони евра. А на барање на винарниците, Серафимовски најави дури и грејс-периодот да се продолжи од 3 на 18 месеци, потоа уште 18 месеци отплата и фиксна камата од 1%.
Односно, државата смее да интервенира за да ја заштити олигархијата и да помогне во финансиска стабилност на помоќниот, но кога доаѓа ред за земјоделците, однеднаш државата е со врзани раце и ненадлежна со одврзана уста да повторува за логиката на слободниот пазар“.

Така ДПМНЕ, посочуваат од оваа партија, го сфаќа овој суштински и стратешки домен – најголемиот ризик да му е оставен на најслабиот во синџирот.

Земјоделецот, како што оценуваат во Левица, однапред го плаќа расадот, горивото, ѓубривото, водата, заштитата и работната рака.

„Тој го презема невремето, болестите и пропаднатата реколта, а кога производот ќе стаса, нема луксуз да го чува бесконечно додека не се појави подобра цена. Купувачот располага со капитал, магацин, преработувачки капацитет и време, а сега гледаме дека располага и со огромна поддршка од владата на ДПМНЕ, па и со државно поддржана ликвидност под исклучително поволни услови.
Практично, имаме систем во кој оној што произведува е принуден да продава, а оној што купува има слободен простор да диктира, додека власта се однесува како падната од Марс. И додека таа нерамнотежа останува недопрена, “успесите“ на ДПМНЕ ќе подразбираат дека земјоделецот со сопствениот труд треба да го субвенционира туѓиот профит, а ДПМНЕ, за возврат, на земјоделецот ќе му објаснува дека така функционира економијата и пазарот“.