Манчестер Јунајтед изгледа доста нестабилно на теренот на стартот на новата сезона и на долга репрезентативна пауза оди во лошо расположение, особено поради тоа што „ѓаволите“ остварија само една победа на пет меча.
Мајкл Карик многу брзо се соочува со првиот притисок како перманентен менаџер на тимот и очекувањата се неговата работа да биде гледана „под лупа“ во периодот кој следи, но за Гери Линекер, тој може да биде само една од низата жртви кои се резултат на лошото менаџирање и управување.
Легендарниот Линекер смета дека главен виновник е Џим Ретклиф кој не успеа да направи позитивно поместување на клубот откако доби шанса да го води спортскиот проект, па славниот голгетер сега реши да испорача јавна прозивка до британскиот милијардер.
– Кога го гледам Манчестер Јунајтед, гледам клуб во кој проблемите доаѓаат од самиот врв. Мора да им честитам на Глејзерови, успеаја да најдат човек кој е полош и од нив, Џим Ретклиф.
– Успеаја да си најдат жртвено јагне и човек кој ќе може да биде обвинуван наместо нив. Сега целиот гнев на јавноста е пренасочен кон Ретклиф, а не кон Глејзерови. Ретклиф не е особено пријатна личност, а начинот на кој моментално го води клубот е вистински хаос. Секоја чест за Глејзерови, успеаја да го свртат вниманието од себе и го пренасочија истото кон друг човек. Во овие изминати години секогаш се зборува за играчите и менаџерот, но проблем се луѓето кои го водат клубот, – потенцира Линекер.
Семејството Глејзер и натаму поседува најголем дел од акциите во Јунајтед (48,9 проценти), но косопственикот Ретклиф е задолжен за водење на клубот и менаџирање на спортскиот проект како човек кој преку ИНЕОС купи 29 проценти од акциите на Јунајтед.








