Познатата дизајнерка и компанијата „Revolve Group Inc.“ најавија заеднички потфат во светот на модата и убавината, целосно приспособен на новата генерација.
Ексклузивната вест од Модната недела во Милано го привлече вниманието на светската јавност: Донатела официјално се враќа во креативна лидерска улога. Во соработка со компанијата „Revolve Group Inc.“ од Лос Анџелес, најавен е нов заеднички потфат кој ги опфаќа областите на убавината и модата.

Станува збор за независен проект кој ја одразува личната креативна визија на Донатела Версаче, креиран според начинот на кој новата генерација го открива стилот, ја доживува културата, купува, споделува содржини и се поврзува.
„Културата произлегува од поврзувањето“
Овој договор со модниот и лајфстајл трговец од Калифорнија се потпира на глобалната препознатливост на Донатела.

„Revolve разбира нешто во што длабоко верувам: културата произлегува од поврзувањето. Заедно сакаме да ја создадеме таа врска со нов глас, нов изглед и нова енергија“ порача Донатела.
Гигант со приход од 1,23 милијарди долари
Компанијата „Revolve Group“ ја основале Мајкл Менте и Мајк Караниколас во 2003 година. Нивната онлајн понуда денес опфаќа дури 1.600 брендови распоредени на две платформи: „Revolve“, посветена на етаблирани брендови, и „Fwrd“, фокусирана на брендови во подем.
Овој трговски гигант остварил вкупен приход од 1,23 милијарди долари во 2025 година. Пред оваа соработка, компанијата привлече големо внимание со партнерството со поп-ѕвездата Карди Би, со што влезе во категоријата за убавина, како и со соработката со влијателната инфлуенсерка Софија Ричи Грејнџ.
Визија изградена од нула
Раководителите на компанијата „Revolve Group“ не го кријат воодушевувањето од соработката со модната икона.
„Донатела е еден од креативните гласови кои го дефинираат нашето време. Ова партнерство ѝ дава на таа визија целосно нова платформа и слобода да изгради нешто од самиот почеток“ истакна Мајкл Менте, коосновач и ко-извршен директор.
Раиша Герона, претседателка за бренд и партнерства, додаде дека Донатела има исклучителен инстинкт за потребите на новата генерација и единствена способност да ги спојува модата и културата. Коосновачот и ко-извршен директор Мајк Караниколас заклучи дека спојувањето на креативниот авторитет на Донатела со технологијата, инфраструктурата и глобалниот досег на „Revolve“ создава можност за градење нешто навистина уникатно и долгорочно.












