[ФОТО/ВИДЕО] Сцена што го згрози светот: Натпреварувачка извршила нужда среде трка, продолжила и победила - најавени нови правила

Точка

15/09/2026

15:00

1.932

Големина на фонт

а а а

Организаторите на глобалниот фитнес-натпревар „HYROX“ (Хирокс) јавно се извиниле и најавиле итни промени во правилата откако на австралиската спортистка Џоана Вјетржик ѝ било дозволено да го заврши натпреварот во Пекинг и да победи, иако за време на трката извршила голема нужда.

Снимките од светската рекордерка од натпреварот одржан минатата сабота, на кои се гледа како продолжува со исклучително напорните вежби и ја користи заедничката опрема додека по нозете ѝ се слева измет, брзо се проширија на социјалните мрежи, пишува „Гардијан“.

Вјетржик, која доаѓа од Мелбурн и има нешто повеќе од 20 години, победила во женската трка „ХИРОКС Про“ во Пекинг со време од 1:01:23. Таа воедно е и светска рекордерка во женската соло-дисциплина со време од 54:25, поставено во Варшава во април годинава.


По исцрпувачката трка, Вјетржик била директно пренесена во болница. Оттаму накратко се огласила на Инстаграм, заблагодарувајќи им се на навивачите за поддршката, со селфи од болничкиот кревет кое подоцна го избришала.

Во објавата напишала: „Или дај сè од себе или оди си дома … победата е победа. А сега сериозно, ви благодарам на сите за поддршката. Брзо се враќам“.

Тренерот застана во одбрана на спортистката

Нејзиниот тренер Крис Бајенс ја нарекол целата ситуација „вонредна“ и „непредвидена“, истакнувајќи дека е тешко да се разбере што точно се случило во жарот на натпреварувањето. Во објава на Инстаграм тој ги повикал луѓето да имаат предвид дека никој не бил подготвен за такво сценарио.

„Одлуките во натпреварувачки услови ги носеа спортистката, судиите и службените лица. Сите реагираа на ситуација за која никој од нив не можеше разумно да се подготви“, напишал Бајенс.


„Многу е лесно да се смисли совршен одговор откако моментот ќе помине. Лесно е да се биде генерал по битката, бидејќи тогаш имате време, информации и дистанца што оние кои го доживувале тоа едноставно ги немале. Тие одлуки може да се преиспитаат и од нив може да се извлечат поуки. Но, да се суди за нечии намери, карактер или морал од таа позиција не е ниту праведно ниту фер“, порачал тој.

Тој, исто така, ги повикал јавноста и заедницата на Хирокс да престанат со „омразата и личните напади“.

„Спортот понекогаш создава моменти кои се несовршени и длабоко човечки. Дебатата е легитимна, но омразата и личните напади што следуваа не се“, додал тој.


Жестока дебата на социјалните мрежи

Инцидентот предизвика лавина коментари и дебата за здравствените и безбедносните стандарди на натпреварувањето, како и за одговорноста на самите спортисти. Многу корисници на социјалните мрежи и други натпреварувачи се прашувале зошто на Вјетржик ѝ било дозволено да продолжи, со што било загрозено здравјето на останатите учесници кои доаѓале во контакт со контаминираните подлоги, рачките на санките и патеките.


Џо Хо, натпреварувач од Пекинг, напишал на Инстаграм дека спортистите, кои плаќаат котизација, биле изневерени. „За луѓето кои беа изложени на таа ситуација, тоа може да има реални физички и психички последици. Му платив на Хирокс за да обезбеди професионално организиран и безбеден настан. Ако организацијата признава дека нешто тргнало наопаку, зошто на погодените учесници не им понуди враќање на парите или некаков вид компензација?“

Многумина се согласиле дека таа требало да направи пауза. „Правилата мора итно да се променат! Оваа девојка е толку брза што буквално можеше да направи пауза за да оди во тоалет, да се врати и сепак да победи, и тоа воопшто не е претерување“, коментирал Герод Гејнс.


Хирокс спортистот, Бенџамин Амсалем, бил директен: „Нема почит кон другите луѓе“. Ајзеја Кинг додал: „Хирокс апсолутно има тоалети и можете да продолжите од местото каде што сте застанале… ако извршите нужда во облеката, можеби не треба да бидете дисквалификувани, но дефинитивно мора да направите пауза“.

Сепак, имал и такви кои, покрај критиките кон организаторите, изразиле почит кон упорноста на спортистката. „Го почитувам тоа што го заврши натпреварувањето. Меѓутоа, другите спортисти мора да ја користат истата опрема по неа. Ова повеќе не е прашање на спортски дух, туку на јавно здравје“, се наведува во една вирална објава на Редит.

ХИРОКС се извини и најави промена на правилата

Коосновачот на ХИРОКС, Мориц Фирсте, им се извинил на сите врз кои инцидентот влијаел „директно или индиректно“.

„ХИРОКС погреши бидејќи не реагираше веднаш за време на трката. На крајот на краиштата, моја работа е да предвидам вакви инциденти, а овој пат не го направив тоа“, изјавил Фирсте и додал дека веднаш биле воведени промени во правилникот.

„Од овој момент стапуваат во сила нови правила и процедури за да се спречи повторување на вакви ситуации“, додал тој.

Организаторите потврдиле дека погодените патеки биле изолирани за темелно чистење, контаминираната опрема била отстранета, а тепихот бил заменет пред продолжувањето на натпреварот следниот ден. ХИРОКС Врлд признал дека има процедури за биолошка контаминација, но дека „протоколите наменети за елитни натпревари и оние за масовно учество се испреплетиле, што создало нејаснотии околу начинот на кој тие се применуваат и разбираат“.

Од германскиот огранок на ХИРОКС порачале дека од спортистите очекуваат да ги поместуваат сопствените граници, но дека нивна задача е да обезбедат јасни правила. „Загриженоста во врска со хигиената е оправдана. Како организатор, мора да се соочиме со неа, да ги анализираме настаните и да преземеме одговорност“, се наведува во нивното соопштение.

По навредите упатени кон спортистката, организаторите предупредиле дека секој кој испраќа закани или пораки со омраза ќе добие трајна забрана за учество на сите идни настани.


Што е ХИРОКС и зошто се случуваат вакви работи?

ХИРОКС е глобално популарен фитнес-натпревар, основан во Германија во 2017 година, кој се состои од осум делници трчање во должина од по еден километар, по кои следува по една од осумте функционални вежби. Тие вклучуваат веслање, туркање и влечење санки, скокови, носење тегови, исчекори и фрлање медицинска топка. Иако правилата предвидувале казни за помали прекршоци, како плукање, не постоел јасен протокол за фекална контаминација.


Незгоди како оваа не се реткост во спортовите кои бараат екстремна издржливост. Најпознат пример е британската маратонка Пола Редклиф, која во 2005 година победила на Лондонскиот маратон откако поради дигестивни проблеми морала да застане и да изврши нужда покрај патеката, пред телевизиските камери.