Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ, демократијата и независна Македонија се сопатници низ времето

Макфакс

14/09/2026

20:50

142

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на панел-дискусијата посочи дека ВМРО-ДПМНЕ, демократијата и независна Македонија се тесно поврзани, истакнувајќи ги искуствата и предизвиците во развојот на земјата и нагласувајќи ја важноста на континуираното унапредување на демократските процеси.

На денешната панел-дискусија „Повеќе учество – Повеќе демократија“, во организација на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски кој на самиот почеток истакна дека демократијата и независноста на Македонија се вредности со кои ВМРО-ДПМНЕ се поврзува уште од периодот пред осамостојувањето на државата, кога партијата се залагала за демократска и суверена Македонија.

Демократијата, ВМРО-ДПМНЕ, независна Македонија како да се сопатници низ времето бидејќи ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија во времето кога сеуште бевме дел од поранешната југословенска федерација, беше единствената којашто зборуваше за независна, демократска, суверена држава, сите овие поединечни атрибути еден со друг се надополнуваат низ времето“, рече Мицкоски.

Мицкоски истакна дека 35 години независност се доволен период за да се направи ретроспектива на сето она што Македонија го поминала во изминатите децении, според него државата минувала низ различни периоди, со подеми и падови, но токму искуствата од тие моменти придонеле за нејзиниот развој и созревање и посочи дека демократијата е важен дел од македонското општество, но и процес кој не завршува, туку треба континуирано да се унапредува и да станува позрел со секоја нова генерација.

„Можам да кажам дека демократијата е навистина на едно високо ниво не само во рамките на нашата политичка партија туку и во рамките на државата, 35 години значи доволно за да можеме да направиме ретроспектива низ се што поминавме изминативе 35 години, колку имавме подеми, падови, учевме, растевме од падовите се обидувавме да станеме што е можно побргу и создадовме една прекрасна приказна наречена Македонија којашто сите ние си ја сакаме, се разбира демократијата како дел од нашата Македонија е процес којшто допрва ќе продолжиме да го усовршуваме, како ќе одминуваат годините ќе може на одредено време да се навраќаме назад и да видиме која генерација како и што направила за демократијата да биде позрела“, рече Мицкоски.

На крај Мицкоски истакна дека демократскиот капацитет мора постојано да се надградува преку отворен дијалог, како со граѓаните, така и во рамките на самата партија, тој нагласи дека единството на ВМРО-ДПМНЕ се гради преку демократски процеси и усогласување на ставовите, при што посебно ја истакна улогата на Унијата на жени во креирањето на партиските политики.

„Многу е важно овој демократски капацитет континуирано да го надградуваме и преку дијалог да ги решаваме работите, со граѓаните, но и во рамки на партијата. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија којашто секогаш е препознатлива со своето единство, а тоа подразбира дека ставот се гради во рамките на демократските процеси на самата партија. Унијата на жени е дел од овој процес при градење на тие ставови. Во овие не цели 9 години како претседател на ВМРО-ДПМНЕ улогата на Унијата на жени се обидував да ја препознаам и ја вреднував во онаа мерка во којашто како политичка партија заслужува да се вреднува, сите наши сопартијќи, членки на Унијата на жени, мајки, сестри, коишто учествуват во овие демократски процеси ја имаат мојата поддршка, тие ја заслужиле, заедно сите да продолжиме да го градиме демократскиот капацитет и на партијата и на Македонија“, дециден е Мицкоски.