[ВИДЕО] Сум бил свиња и ќе ме колел на плоштад: Мицкоски за заканите упатени кон него и неговото семејство

Макфакс

14/09/2026

16:07

1.332

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски се огласи поради заканите упатени кон него и неговото семејство, за кои отворија истрага надлежните институции. Во медиумите се објавија детали за пријавениот и неговите наводни постапки.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска проговори за заканите поради кои Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези.

Мицкоски посочи дека за случајот дознал вчера.

„И јас вчера дознав за тие закани, дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад, и упатил пцовки кон мене и моето семејство“, рече тој.


Премиерот истакна дека очекува случајот да биде оставен на постапување на надлежните институции.

„Јас сум сепак институција. Кога не би бил, знам како се решаваат овие работи. Претпоставувам дека институциите си ги презеле надлежностите. МВР ги презело работите од своите надлежности, се надевам судовите ќе постапат согласно своите надлежности“, изјави Мицкоски.

МВР денеска информираше дека отсекот за компјутерски криминал при СВР Куманово во содејство со Секторот за компјутерски криминал и Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ има поднесено кривична пријава по брза постапка против А.Д. од с.Черкези, кумановско.


Тој се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 5 од Кривичниот законик.

Според полицијата, тој на 11.09.2026 на објава на профил на социјална мрежа на Претседателот на Владата на РСМ, напишал коментар со заканувачка содржина.