Трагедија кај Миладиновци: Татко и 18-годишен син загинаа во директен судир, тројца тешко повредени

Макфакс

12/09/2026

11:40

5.165

Големина на фонт

а а а

Во тешка сообраќајна несреќа кај Миладиновци загинаа татко и неговиот 18-годишен син, а уште тројца лица се тешко повредени. Случајот се истражува од Основното јавно обвинителство и полицијата за да се утврдат причините за директниот судир.

Две лица загинаа, а три се тешко повредени во сообраќајна несреќа што околу 2 часот по полноќ се случила на општинскиот пат Илинден – Миладиновци, кај полициската база Брест, која се наоѓа во склоп на Меѓународниот аеродром Скопје.

Според Основното јавно обвинителство Скопје, директно се судриле „опел корса“ со кумановски регистарски ознаки, управувана од 19-годишен кумановец, и „хјундаи и30“, управуван од 51-годишен жител на Марино.


Во несреќата на самото место починале 51-годишниот возач на „хјундаито“ и неговиот 18-годишен син.

Тешко е повредена и 18-годишната ќерка на загинатиот возач.

Со тешки телесни повреди се здобиле и 19-годишниот возач на „опел корсата“ и неговиот сопатник, кој е на иста возраст. Двајцата биле пренесени во болница во животозагрозувачка состојба.

На местото на несреќата увид извршиле дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, вешто лице и увидни екипи на Министерството за внатрешни работи.


Јавниот обвинител издал наредби за обдукција на телата на двајцата починати.

Надлежните преземаат дополнителни дејствија и прибираат докази за да се утврдат причините и околностите под кои дошло до директниот судир.