Бисера Костадиновска-Стојчевска на состаноци на комитетите на ПССЕ во Париз

Макфакс

09/09/2026

16:30

268

Големина на фонт

а а а

Бисера Костадиновска-Стојчевска учествуваше на состаноците на комитетите на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Париз каде се дискутираа важни прашања поврзани со човековите права, меѓународното право и обврските на земјите членки.

Пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија и членка на парламентарната делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Бисера Костадиновска-Стојчевска, учествуваше на состаноците на комитетите на ПССЕ што се одржаа во Париз.

На 7 септември, таа учествуваше на состанокот на Комитетот за следење на обврските и ангажманите на земјите членки на Советот на Европа.

Во рамки на работата на Комитетот беа разгледани прашања поврзани со исполнувањето на обврските на земјите членки, меѓу кои и состојбите во Грција, како и прашања поврзани со постмониторинг процесите.

На 9 септември, Костадиновска-Стојчевска учествуваше на состанокот на Комитетот за правни прашања и човекови права, одржан во Канцеларијата на Советот на Европа во Париз.

Состанокот опфати прашања од областа на човековите права, владеењето на правото и меѓународното право.

Меѓу главните точки на дневниот ред беше прашањето како да се обезбеди спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Руската Федерација, вклучително и исплатата на досудениот надомест. Во рамки на оваа точка Комитетот го разгледуваше предлог-извештајот, како и предлозите за резолуција и препорака.

На дневен ред беше и прашањето за заканите кон Меѓународниот кривичен суд, за кое беа разгледувани предлог-извештај и предлози за резолуција и препорака.

Комитетот, исто така, разгледуваше и усвои декларација со која се повикува да не се глорифицира починатиот осуден воен злосторник Ратко Младиќ.

Во рамки на работната програма на Комитетот беа опфатени и повеќе прашања поврзани со заштитата на човековите права, меѓу кои предизвиците за човековите права во Северен Кавказ, пријавените случаи на политички затвореници во Европа, заштитата на бранителите на човековите права и независните новинари во Азербејџан, како и активностите на Советот на Европа во однос на мигрантите, барателите на азил и бегалците.

На дневен ред беше и прашањето за незаконското задржување на палестински деца од страна на Израел.

Комитетот разгледуваше и прашања поврзани со подготовката на идната Конвенција на Обединетите нации за спречување и казнување на злосторствата против човештвото.