Опожарените шуми мора да се санираат и обноват, а не да станат извор на профит

Макфакс

26/08/2026

12:02

116

Големина на фонт

а а а

Демократската обнова на Македонија бара приоритетна санирање и обнова на опожарените шуми со институционална одговорност и целосна транспарентност за да се спречи комерцијална злоупотреба и профит од оштетената дрвна маса.

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) бара санацијата и обновата на опожарените шуми да бидат прва обврска по секој пожар — со јасна институционална одговорност, стручни планови и целосна транспарентност — за да се оневозможи комерцијална сеча на опожарените дрва.

Според партијата, пожарот на Китка, како и низата пожари низ Македонија, покажуваат дека одговорноста на државата мора да започне со стручна и транспарентна обнова на шумскиот фонд.

„Постојната законска регулатива овозможува продажба на дрвна маса од опожарени површини преку механизмот на вонредни сечи. ДОМ смета дека оваа можност мора законски да се ограничи и допрецизира: отстранувањето на оштетените стебла смее да биде исклучиво во функција на стручна санација на шумата, а не извор на профит за приватни интереси“, велат од партијата.

Затоа ДОМ предлага:
• задолжителен план за санација и обнова за секоја опожарена државна шумска површина;
• ЈП „Национални шуми“ да биде единствен непосреден носител на санацијата и обновата на државните шуми со кои стопанисува;
• забрана на комерцијална сеча и продажба на опожарената дрвна маса;
• регулирање и јасни правила за издавањето на дозволи за сеча на опожарените површини;
• целосна јавна евиденција за отстранетата дрвна маса и начинот на кој со неа е постапено;
• јавен регистар на опожарените површини, со планови, рокови и информации за реализацијата на санацијата;
• законска заштита од пренамена на опожареното шумско земјиште во градежно земјиште, со цел периодот на санација и обновување да не биде искористен за урбанистички и други економски интереси;
• средствата евентуално остварени од дрвната маса што мора да биде отстранета во рамки на санацијата наменски да се вложуваат во обновување и заштита на шумите.