Се создава нов силен глобален блок? Две држави ја предводат операцијата, „падна“ и јасен политички сигнал

Точка

25/08/2026

21:11

1.062

Големина на фонт

а а а

Ќе склучат ли земјите од Меркосур договор за слободна трговија со Кина? Засега ставовите на членките се поделени, а експертите предупредуваат на недостатоците на таквиот договор.

Прво ЕУ, а потоа – Кина? Американските царини и растечкото економско влијание на Кина во Јужна Америка ги поттикнуваат плановите за договор за слободна трговија меѓу заедничкиот јужноамерикански пазар Меркосур и Кина. Но, колку е реален тој план?

„Бразил и Кина се согласни дека е важно да се забрзаат преговорите за договор меѓу Меркосур и Кина“, се наведува во соопштението на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва.


Тоа соопштение е објавено непосредно по едночасовниот телефонски разговор меѓу Лула и кинескиот претседател Си Џинпинг на 26 јули. Уште на 30 јуни оваа година, Лула на самитот на Меркосур во Асунсион јавно повика на започнување формални преговори со Пекинг, а и Уругвај ја поддржува оваа иницијатива.

Но овие две земји веројатно ќе мораат уште малку да почекаат, пишува „Дојче веле“. Формалните преговори може да започнат дури откако сите членки на Меркосур ќе одобрат таков проект. Оваа група во моментов има пет членки со право на глас: покрај Бразил, Уругвај и Боливија, тука се и Аргентина и Парагвај, две земји кои досега беа воздржани во однос на договорот за слободна трговија со Кина.


На графиконот подолу е прикажан развојот на извозот и увозот меѓу Бразил, Кина и САД, изразен во милијарди долари:


„Можеме и поинаку“

„Мислам дека ова засега е пред сè политички сигнал. Кина и Бразил им порачуваат на САД, имајќи ги предвид царините: можеме и поинаку“, објаснила за ДВ, Самина Султан од Институтот за германско стопанство (IW).

Од политичката порака до конкретен текст на договор има долг пат, иако идејата добива сè поголема поддршка, рекла експертката за европска економска политика и надворешна трговија.


Американскиот претседател Доналд Трамп на 30 јули 2025 година, со претседателска уредба, воведе казнени царини од 40 отсто на стоките од Бразил. Врховниот суд на САД во февруари оваа година ги прогласи овие царини за незаконски. Трамп на 22 јули повторно нареди воведување казнени царини.

Ледено доба меѓу Бразил и САД

Бразилскиот претседател Лула изрази незадоволство поради новите царини во авторски текст за американскиот весник „Вашингтон пост“. „Бразилските компании ќе ги заменат своите добавувачи од САД со партнери од други региони“, напиша тој.

На Латинска Америка и Карибите не им се потребни ниту носачи на авиони кои патролираат по нивните води, ниту казнени царини, нагласи Лула и порача: „Она што нѝ недостасува се сигурни и предвидливи партнери“.


Казнените царини на Трамп дополнително ја поттикнуваат сè посилната трговија меѓу Бразил и Кина. Според податоците на бразилското Министерство за трговија, трговската размена во првата половина на 2026 година пораснала за 15,9 отсто во однос на истиот период од претходната година. Истовремено, билатералната трговија со САД опаднала за 12,8 отсто.

Пристаништа, железници, патишта: Кина инвестира во Латинска Америка

„Меркосур е многу привлечен пазар за кинеската стока“, истакнал Ролф Лангхамер, експерт за надворешна трговија од Институтот за светска економија (IfW), во разговор за ДВ. Долгорочната стратегија на Кина за освојување на латиноамериканскиот пазар опфаќа и изградба на перуанското контејнерско пристаниште Чанкај, известува Лангхамер.

Долната графика ја прикажува ранг-листата на најважните трговски партнери на ЕУ и земјите членки на Меркосур во 2025 година (во милијарди евра):


Првото пристаниште во Јужна Америка под кинеска контрола беше отворено во ноември 2024 година. Кина инвестирала 3,5 милијарди долари во овој проект, реализиран во рамките на меѓународната иницијатива „Нов пат на свилата“.

Пристаништето на Пацификот би требало со железничка пруга да биде поврзано со пристаништата на бразилскиот брег на Атлантикот. Но плановите за таква „меѓуокеанска железница“ сè уште се во подготвителна фаза.

Страв од „поплава“ од кинеска стока

Кина веќе убедливо е најголемиот трговски партнер на Бразил и на Меркосур, пишува „ДВ“. Поради тоа, плановите за договор за слободна трговија на прв поглед изгледаат логично.

Но, студија на Бразилско-кинескиот деловен совет (CEBC), посветена на оваа тема, укажува и на ризиците од таков договор. „Постои стравување дека, поради кинеската конкурентност, би можело да дојде до трговски нерамнотежи, како и до пад на производството и вработеноста“, се наведува во студијата.

Стравот од кинеската доминација беше една од причините поради кои бразилскиот претседател Лула досега беше меѓу критичарите на договорот за слободна трговија со Кина. Тоа што сега, под притисок на американските казнени царини, го промени ставот, му донесе критики.


Лангхамер: Договорот претставува ризик

„Повеќе од една деценија Бразил застапуваше став дека таков трговски договор сериозно би ѝ наштетил на неговата индустрија“, коментира бразилскиот експерт за Кина, Игор Патрик, во бразилскиот дневен весник „Фоља де Сао Паоло“. „Но сега земјата се наоѓа пред либерализација на својот пазар“, додаде тој.

Експертот од „IfW“, Лангхамер, се надева дека бразилската иницијатива ќе биде закочена. „Кина во моментов ги преплавува светските пазари со субвенционирани производи. Мислам дека земјите од Меркосур знаат колкав е ризикот од склучување таков договор за слободна трговија со Кина“, заклучил тој.