Научниците го пресметале очекуваниот животен век на жителите во 204 земји, а резултатите покажале дека подолгиот живот не мора да значи и поздрав живот.
Иако Сингапур има највисок животен век во светот, неговите жители го поминуваат поголемиот дел од подоцнежните години во лоша здравствена состојба, според ново истражување објавено во списанието „The Lancet Public Health“.
Студијата користела податоци од 2023 година за да го процени животниот век во 204 земји. Сингапур е на врвот на листата, каде што се очекува просечниот жител да живее над 85 години.
„Долговечноста во Сингапур е резултат на внимателно осмислени долгорочни политики, а не на еден фактор“, изјави за „BBC Science Focus“ авторката на студијата, д-р Мари Нг, вонреден професор на Медицинскиот факултет „Јонг Лу Лин“ при Националниот универзитет во Сингапур (NUS).

„Нивниот здравствен систем, силната социјална заштита и управувањето засновано на докази им овозможуваат на граѓаните да живеат подолг и подобар живот“.
Покрај очекуваниот животен век, научниците го анализирале и таканаречениот здрав животен век, односно бројот на години што едно лице може да очекува да ги помине во добра здравствена состојба.
Иако Сингапурците во просек живеат до подлабока старост, истражувањата покажуваат дека тие најверојатно ќе ги поминат последните 11,2 години од својот живот борејќи се со здравствени проблеми.
Истражувачите ја нарекуваат разликата помеѓу вкупниот животен век и очекуваниот број години поминати во добра здравствена состојба јаз во морбидитетот. Со други зборови, луѓето денес поминуваат повеќе години во лоша здравствена состојба отколку што беше случај во 1990-тите.
Просечниот здрав животен век во Сингапур е 74,1 години, иако вкупниот животен век е меѓу најдолгите во светот.
Глобално, очекуваниот животен век се зголемил од 64,6 години во 1990 година на 73,8 години во 2023 година, но очекуваниот здрав животен век не го држи темпото. Денес, возрасните поминуваат во просек околу една од седумте години од својот живот во лоша здравствена состојба.
Во просек, жените живеат подолго од мажите, но тие исто така поминуваат значително повеќе години со здравствени проблеми. Глобално, разликата помеѓу вкупниот и здравиот животен век е 12,1 години за жените, во споредба со 9,3 години за мажите.

Во Сингапур, овој контраст е уште поизразен. Иако жените живеат таму во просек само 4,4 години подолго од мажите, тие поминуваат дури 21,1 година во лошо здравје, додека мажите поминуваат 10,4 години во таква состојба.
Д-р Џулијан Мац, истражувач на Кингс колеџ во Лондон, кој не бил вклучен во истражувањето, за „BBC Science Focus“ изјавил дека парадоксот дека жените живеат подолго, но поминуваат повеќе години во лошо здравје е одамна познат, но сè уште не е доволно објаснет.
„Оваа студија уште еднаш покажува дека треба да се посвети многу поголемо внимание на ова прашање“, изјавил тој.
Истражувањата покажаа дека жителите на Соединетите Американски Држави поминуваат во просек 14 години во лошо здравје, повеќе од жителите на која било друга земја. Следат Австралија и Канада.
Десет земји каде што луѓето во просек поминуваат најмногу години во лоша здравствена состојба:
САД – 14 години;
Австралија – 13,9 години;
Канада – 13,7 години;
Нов Зеланд – 13,1 години;
Холандија – 12,9 години;
Сан Марино – 12,9 години;
Швајцарија – 12,8 години;
Либан – 12,8 години;
Обединето Кралство – 12,7 години;
Порторико – 12,7 години.
Резултатите беа извонредно конзистентни – јазот помеѓу целокупниот и здравиот животен век се зголемува во 203 од 204 земји, со единствен исклучок Палестина.
„Поголемиот дел од населението денес поминува десет или повеќе години од својот живот во лоша здравствена состојба“, објаснил Нг.
„За поединците и нивните семејства, ова значи повеќе години поминати борејќи се со хронични болести како што се болки во грбот, губење на слухот, невролошки нарушувања и дијабетес.“
Дури 57,4 проценти од глобалниот јаз помеѓу очекуваниот и здравиот животен век во 2023 година беше составен од пет групи здравствени проблеми:
Болести на мускулно-скелетниот систем, особено болка во долниот дел од грбот;
Ментални нарушувања, вклучувајќи депресија и анксиозност;
Болести на сетилните органи, како што се губење на слухот;
Повреди, особено падови;
Незаразни болести, како што се дијабетес, висок крвен притисок и срцеви заболувања.

Професорот Сајмон Џонс од Центарот за проучување на мускулно-скелетното стареење на Универзитетот во Бирмингем, кој исто така не беше вклучен во истражувањето, рече дека токму ова откритие е најзначајно.
„Се покажа дека болестите на мускулите, коските и зглобовите се најголемата причина за разликата помеѓу вкупниот и здравиот животен век. Ова јасно покажува колку се важни мускулите, коските и зглобовите за здравото стареење“, истакнал тој.
Нг верува дека истражувањето само со бројки го потврдило она што многумина веќе го забележале кај своите најблиски.
„Станавме исклучително успешни во продолжувањето на животот, но многу помалку успешни во давањето квалитет на тие дополнителни години.“
Според неа студијата е повик за акција.
„Главната порака е дека само долговечноста повеќе не е вистинска мерка за успех. Вистинското прашање не е само колку долго живееме, туку колку добро живееме во последниот дел од животот - и дали тие дополнителни години се исполнети со виталност или распаѓање.“









