Планирате патување низ Европа? Покрај изборот на дестинација, отсега ќе мора да размислувате и за тоа колку време ќе поминете на граница. Новиот систем за влез и излез од Шенген-зоната (EES – Entry/Exit System), кој од сите патници од земји надвор од Шенген, вклучително и од Македонија, при првиот влез бара земање отпечатоци од прсти и фотографирање на лицето, веќе предизвика големи гужви и повеќечасовно чекање на одредени аеродроми и гранични премини.
Додека некои земји брзо се приспособија на новите правила, на други премини патниците поминуваат часови во редици наместо одморот да го започнат на плажа или со разгледување на градот. Добрата вест е дека не сите европски држави се дел од Шенгенскиот простор, па поради тоа во нив не важи ниту новиот EES систем.
Ако сакате да ја избегнете биометриската регистрација и можните гужви на границите, ова се европските дестинации што вреди да ги разгледате за следното патување.
1. Кипар
Иако Кипар е членка на Европската Унија, тој сè уште не е целосно интегриран во Шенген-зоната. Тоа го прави одличен избор за сончев медитерански одмор без EES процедури.
Што ве очекува: Познати летувалишта како Лимасол, Ларнака и Аја Напа нудат одличен ноќен живот и плажи, додека Протарас и планината Тродос (со највисокиот врв Олимп) се идеални за помирен семеен одмор. Љубителите на историјата можат да ги посетат античките урнатини во Пафос и богатото културно наследство на Никозија.

2. Ирска
Ирска е членка на ЕУ, но има посебен статус и не е дел од Шенген, па на нејзините аеродроми и пристаништа нема EES регистрација.
Што ве очекува: Зелениот остров е идеален за љубителите на природата и патувањата со автомобил. Рутата „Wild Atlantic Way“ води покрај спектакуларните карпи Мохер, додека Даблин, Голвеј и Корк нудат спој на историја, музика, гастрономија и познатата ирска паб-култура.

3. Албанија
Албанија во последните години стана една од најпопуларните и најприфатливи алтернативи за Грција. Бидејќи не е членка на ЕУ ниту на Шенген-зоната, влезот во земјата се одвива според досегашните правила.
Што ве очекува: Албанската ривиера со летувалишта како Ксамил и Химара нуди тиркизно море и бели плажи, додека Албанските Алпи и патеката Валбона се вистински избор за љубителите на природата. Тирана привлекува со интересен спој на отоманска, социјалистичка и модерна архитектура, како и со пристапни цени.

4. Молдавија
Ако сакате да избегнете туристички гужви и да откриете помалку позната европска дестинација, Молдавија е интересен избор.
Што ве очекува: Земјата со повеќе од 7.000 години винска традиција е дом на Милешти Мици, најголемата винска визба во светот со повеќе од 1,5 милиони шишиња. Главниот град Кишињев е познат по широките булевари и бројните паркови.

5. Земји од регионот со лична карта
За граѓаните на Македонија наједноставен избор и понатаму се земјите од регионот. Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија не се дел од Шенгенскиот простор, па во нив не важи EES системот ниту биометриската регистрација на границите.
Дополнителна погодност е што во овие земји може да се патува само со важечка лична карта, без пасош и дополнителни формалности.
Без разлика дали планирате викенд во Белград, Сараево, рафтинг на Уна или одмор на црногорското приморје, преминувањето на границата останува брзо и едноставно како и досега.

Во овие 29 земји важи EES системот:
Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грција, Холандија, Хрватска, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Унгарија, Малта, Германија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
Што е со островите и прекуморските територии?
Правилата зависат од нивниот статус.
Нема EES: Француските прекуморски територии (како карипските острови, Реунион и Француска Полинезија), Гренланд, Фарските Острови, како и холандските карипски острови Аруба и Курасао не се дел од Шенген, па таму не се применува EES.
Важи EES: Канарските Острови, Сеута и Мелиља (Шпанија), како и Азорите и Мадеира (Португалија), се дел од Шенгенскиот простор, па и на овие дестинации патниците ќе поминуваат низ новата биометриска регистрација.









