Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас може да остане во Италија и во новата сезона, но сега е најблиску до дресот на Јувентус.
По одличната соработка со Антонио Конте во Наполи и комплиментите кои ги добиваше од тренерот и фановите, Елмас очекува разрешница за неговата иднина, која дефинитивно не е поврзана со РБ Лајпциг, клуб со кој има договор на уште две години.
Добро информираниот „Тутоспорт“ денеска на својата насловна страница излезе со информација дека Лучијано Спалети дал зелено светло за офанзива за потписот на Македонецот и дека Јувентус веќе исконтактирал со неговиот агент.
Италијанскиот клуб досега имаше неуспешни преговори за неколку креативни играчи, а Спалети во Елмас гледа лојален и максимално мотивиран фудбалер кој може да му помогне на повеќе позиции, па Јувентус ќе се обиде да договори заем со опција за откупување на неговиот договор.
Според „Тутоспорт“, евентуалниот класичен трансфер би ги чинел „бјанконерите“ околу 10 милиони евра, а со тоа Македонецот би се вратил во Торино, каде една полусезона настапуваше за градскиот ривал на Јувентус.







