[ФОТО/ВИДЕО] Силното невреме предизвика „катаклизма“ во скопското кафуле „Централ парк“ – Искорнати џиновски дрва, уништени дел од реквизитите и опремата

Точка

22/07/2026

14:07

619

Големина на фонт

а а а

Силното невреме што вчера го погоди Скопје предизвика хаос во градот, а на социјалните мрежи и понатаму се споделуваат фотографии и видеа од последиците, додека меѓу погодените е и кафулето „Централ парк“ во Градскиот парк.

Тие споделија фотографии и видео, каде посочуваат дека им се случила „катаклизма“.



Во двете објави на Фејсбук може да се забележат испревртени маси и столови (направени од буриња), искорнати и паднати дрвја, оштетена подлога, како и уништени реквизити од детското игралиште.



На една од објавените фотографии, особено е впечатливо тоа што коренот на едно од искорнатите дрвја е поголем од човекот којшто стои пред него.

Инаку според билансот на МВР, невремето предизвика најголеми последици на подрачјето на СВР Скопје, каде до 22:00 часот биле пријавени 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.

Дополнително, биле оштетени повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство, соопшти МВР.



Меѓутоа штети се регистрирани и во други градови ширум државата. Во СВР Куманово се пријавени девет оштетени возила и три оштетени покриви. На подрачјето на СВР Тетово евидентирани се пет случаи, од кои три се однесуваат на оштетени патнички возила, а два на оштетени кровни конструкции.


Во Велес пријавени се две оштетувања на патнички моторни возила, додека во Штип се регистрирани 14 оштетени возила и шест оштетени покриви. На подрачјето на СВР Струмица, невремето предизвикало пад на електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица.


Во рамките на Регионалниот центар за гранични работи Север, најзначајни последици се регистрирани на ГП Меѓународен аеродром Скопје, каде поради протекување на кровната конструкција бил во прекин излезот од државата во времетраење од околу час и половина.


Во Транзитниот центар Табановце се оштетени дел од шаторите и помошните објекти за сместување на мигранти, а пријавени се и паднати дрвја, без да биде предизвикана материјална штета.