Во Гостивар е прекршено основното човеково право на безбедна вода, Блупринт групата бара одговорност од сите кои придонеле за тоа

Макфакс

22/07/2026

13:20

205

Големина на фонт

а а а

Блупринт групата за реформи во правосудството изразува загриженост поради загадувањето на водата за пиење во Гостивар кое доведе до прогласување на епидемија и кризна состојба, барајќи одговорност од институциите за нивното непостапување и повикувајќи на темелна истрага и системски мерки за заштита на јавното здравје.

Блупринт групата за реформи во правосудството остро реагира за случувањата околу загадувањето на водата за пиење во Гостивар, која резултираше со забрана за користење на водата од градскиот водовод, прогласување на епидемија, а на 21ви јули Владата прогласи кризна состојба. Од таму сметаат дека овој случај не претставува само изолиран инцидент, туку сериозен индикатор за можни системски слабости. Начинот на кој институциите постапувале, односно евентуално не постапувале, отвора сериозни прашања за институционалната одговорност и за тоа дали биле исполнети законските обврски за заштита на здравјето на граѓаните, што треба да биде предмет на темелна и независна истрага.

„Неопходно е да се утврди дали надлежните органи имале или требало да имаат сознанија за потенцијалното загадување и за ризиците по здравјето на населението, но не презеле соодветни и навремени активности за нивно спречување или ограничување. Доколку се утврди такво непостапување, тоа не може да се третира како обичен пропуст, туку како сериозно нарушување на обврската на институциите да постапуваат со должно внимание, согласно принципите на законитост, одговорност и заштита на јавниот интерес. Во таа насока, неопходно е Основното јавно обвинителство да спроведе брза, темелна и ефикасна истрага, со целосно утврдување на кривичната и евентуалната институционална одговорност на сите лица кои придонеле за загрозување на здравјето на граѓаните. Истрагата не смее да се ограничи само на утврдување кој ја поставил незаконската инсталација, туку мора да ги опфати и сите околности поврзани со функционирањето на системот за мониторинг, инспекцискиот надзор, лабораториските анализи, начинот на земање примероци и евентуалната одговорност на службените лица кои биле задолжени за контрола на квалитетот на водата.

Особено сериозни прашања се отвораат и во однос на функционирањето на системот за контрола на квалитетот на водата за пиење. Според достапните информации во медиумите, се добива впечаток дека надлежните институции затаиле во исполнувањето на законските обврски и со тоа дозволиле епидемијата и понатаму да се шири без да водат сметка за последиците кои можат да произлезат по здравјето на граѓаните на Гостивар.

Ниту Владата ниту надлежните здравствени институции досега не обезбедија јасни и целосни информации за времетраењето на ограничувањата за користење на водата, критериумите за нивно укинување и временската рамка за нормализирање на состојбата. Во услови на директен ризик по јавното здравје, граѓаните имаат право навремено да знаат не само што се случило, туку и кои мерки се преземаат, кои ризици постојат и што можат да очекуваат во наредниот период. Очекуваме надлежните институции навремено и целосно да ја информираат јавноста за сите релевантни факти како и надлежните здравствени институции да излезат со јасни препораки и насоки како граѓаните да постапуваат во услови на прогласена епидемија и кризна состојба.

Овој случај мора да резултира со јасно утврдена одговорност и конкретни системски мерки за спречување на вакви ситуации во иднина, бидејќи во спротивно ќе претставува уште еден пример за ненавремено преземање на дејствија од страна на институциите  на  штета на јавното здравје и довербата во владеењето на правото“, стои во реакцијата на Блупринт групата за реформи во правосудството во која членуваат Институт за човекови права (ИЧП), Македонско здружение на млади правници (МЗМП),            Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП) и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).