Можеби и вие некогаш сте помислиле дека би можеле да живеете само од една намирница – обично тоа е некоја што многу ја сакате. Но, размислувате во сосема погрешна насока.
Изборот да јадете само едно овошје, зеленчук или житарка би довел до откажување на органите, додека консумирањето само месо на крајот би го принудило вашето тело да ги „троши“ сопствените мускули, предупредуваат експертите.
Ниту еден зеленчук не ги содржи сите девет есенцијални аминокиселини што му се потребни на човекот за создавање протеини, кои ги градат нашите мускули, објаснила Џо Ен Хатнер, консултантка за исхрана на Медицинскиот факултет при Универзитетот Стенфорд и поранешна портпаролка на Американското здружение на диететичари.

Впрочем, така повеќето човечки култури, и без познавање на хемијата на храната, развиле начин на исхрана заснован на комбинација од намирници кои заедно ги обезбедуваат сите девет аминокиселини.
Без сите аминокиселини, вашата коса почнува да ја губи својата боја и сјај, ноктите стануваат меки, а вашето слабо тело страда.
„Тоа не се однесува само на вашите мускули, туку и на срцето и другите органи“, а на крајот срцето толку ќе ослабне што ќе настапи смрт.
Јадењето само еден вид јаглехидрати – на пример само леб или тестенини – исто така предизвикува откажување на органите поради недостаток на аминокиселини. Покрај тоа, би добиле скорбут, тешка болест предизвикана од недостаток на витамин Ц, која може да се појави по еден до осум месеци без овој витамин. Таа започнува со летаргија и болки во коските, а завршува со гнојни рани, жолтица, треска, губење на забите и смрт.
Животот само на месо исто така би бил ќорсокак. Освен недостатокот на витамин Ц, повеќето видови месо содржат многу малку јаглехидрати – лесно достапен извор на енергија што на телото му е постојано потребен дури и за најмалите активности.

„Без јаглехидрати, ќе почнете да разградувате дел од мускулната маса за да добиете енергија“, вели Хатнер. Повторно, „мускул“ не значи само бицепси, туку и срцето.
Сепак, постои една „намирница“ што ги содржи сите потребни хранливи материи: онаа што ги одржува бебињата во живот.
„Единствената храна што ги обезбедува сите хранливи материи што му се потребни на човекот е човечкото млеко“, вели Хатнер. „Мајчиното млеко е комплетна храна. Во текот на првата година од животот можеме да додадеме цврста храна во исхраната на доенчето за да обезбедиме повеќе железо и други хранливи материи, но во човечкото млеко има по малку од сè.“

Технички, и возрасните би можеле да преживеат само на човечко млеко, вели Хатнер. Ако тоа не е опција, следниот најдобар избор би било млеко од други цицачи, особено ако е ферментирано. На пример, „јогуртот содржи многу бактерии што се корисни за дигестивниот систем“.
Овие хипотетички сценарија не се само претпоставки. Во многу делови од светот луѓето немаат избор освен да се хранат претежно со еден вид храна, најчесто ориз. Затоа научниците развиваат генетски модифициран ориз што содржи повеќе витамини и хранливи материи, особено витамин А, со цел да се спречи неухранетоста, наведува „Live Science“.













