Нова експериментална таблета им помогнала на пациентите со напреднат рак на панкреас да живеат подолго, покажало истражување објавено во неделата, што буди надеж за долгоочекуван напредок во лекувањето на еден од најсмртоносните облици на рак.
„Иако не го лекува ракот, ова претставува многу голем чекор напред“, изјавил д-р Зев Вајнберг од Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес, еден од раководителите на студијата.
Лекот се вика дараксонрасиб и го блокира мутираниот протеин кој го поттикнува растот на туморот во повеќе од 90 отсто од случаите на рак на панкреас — нешто што медицината со децении не успевала да го постигне, пренесе Си-ен-ен.
Секојдневното земање на лекот речиси го удвоило времето на преживување, со помалку сериозни несакани ефекти, во студија што опфатила 500 пациенти. Тие биле случајно определени да примаат или експериментален лек или дополнителна хемотерапија, откако ракот, кој веќе се проширил на други органи, повеќе не реагирал на вообичаените протоколи на лекување.

Резултатите беа објавени во списанието „The New England Journal of Medicine“ и претставени во неделата на годишниот собир на Американското здружение за клиничка онкологија (ASCO) во Чикаго.
Пациентите кои земале дараксонрасиб живееле во просек 13,2 месеци, додека оние кои примале хемотерапија живееле 6,7 месеци. Иако на прв поглед тоа можеби не изгледа како голема разлика, Вајнберг истакнал дека ова е првиот лек што покажал значајна предност во однос на хемотерапијата.
„Лекувам рак на панкреас веќе 16 години и навистина почнав да плачам кога првпат ги видов резултатите од студијата“, изјавила д-р Рачна Шроф од Центарот за рак при Универзитетот во Аризона, која не учествувала во истражувањето.
Посебно ја импресионирал фактот што „пациентите останувале на терапија бидејќи таа им носела трајна и значајна корист“.
Помалку болки и подобар квалитет на живот
Ефектите на лекот со текот на времето слабеат, но пациентите кои ги користеле останувале на терапија значително подолго од оние кои примале хемотерапија. Истовремено пријавувале помалку болки и подобар квалитет на живот, додека нивните тумори се намалувале.
Многу учесници во студијата продолжиле да го користат лекот и по завршувањето на анализата на податоците, што, според Вајнберг, значи дека разликата во преживувањето би можела дополнително да расте додека истражувачите продолжуваат да ги следат пациентите.

Д-р Брајан Волпин од Институтот за рак „Дејна-Фарбер“ во неделата ги претставил резултатите од студијата. Тој смета дека лекот треба да стане „нов стандард на лекување“ за пациентите со претходно лекуван метастатски рак на панкреас.
Додал дека истражувачите ќе ја испитуваат и неговата примена во пораните фази на болеста, вклучувајќи ја и можноста намалувањето на туморот да овозможи поголем број пациенти да станат кандидати за операција.
Меѓу несаканите ефекти кои најчесто влијаат врз продолжувањето на терапијата се издвојуваат осипот, кој може да биде сериозен и раничките во устата.
Потенцијална пресвртница во борбата против болеста
За разлика од другите видови рак, за кои се развиени различни алтернативи на хемотерапијата, ракот на панкреас се покажа многу потежок за лекување.
Експертите кои не учествувале во новото истражување оценуваат дека ова би можело да биде пресвртница во потрагата по нови терапии, особено затоа што во моментов се развиваат десетици експериментални лекови.
Новата терапија е насочена кон мутации од семејството гени РАС, кои во нормални услови го регулираат растот на клетките. Особено значајни се таканаречените КРАС мутации, кои имаат клучна улога во развојот на ракот на панкреас.
Меѓутоа, специфичната структура на овие протеини долго време го отежнувала развојот на лекови кои би можеле ефикасно да се врзат за нив, поради што се сметало дека практично се „невозможни за лекување со лекови“.

Лекот на компанијата „Revolution Medicines“ користи нешто што истражувачите го опишуваат како своевидно „молекуларно лепило“, кое овозможува врзување за повеќе различни поттипови на КРАС мутации.
Вајнберг наведува дека наредните истражувања ќе се обидат да утврдат дали лекот дава подобри резултати кај одредени поттипови на мутации.
„Овој лек ќе го промени начинот на лекување на ракот на панкреас“, оценил д-р Ендру Ковелер од Центарот за рак „Фред Хачинсон“, кој не учествувал во истражувањето.
„Ова делува драстично поинаку“, нагласил тој.
Вајнберг додал дека паралелно се развиваат и други лекови насочени кон специфични КРАС поттипови. Меѓу пристапите кои сè уште се во рана фаза на испитување се и вакцини осмислени да спречат враќање на болеста по операција на рак на панкреас, така што ќе го научат имунолошкиот систем да го препознава мутираниот протеин.











