[ВИДЕО] Објавена снимка од апсењето на Бритни Спирс: Им нудела две работи на полицајците во нејзиниот дом

Точка

22/05/2026

22:32

698

Големина на фонт

а а а

Објавено е видео од камера на полициски автомобил, на кое се забележани моментите кога Бритни Спирs беше уапсена за возење во пијана состојба во март. Снимката го открива нејзиното прво прашање до полицајците додека ѝ ставале лисици, пренесуваат светските медиуми.

Сообраќајната полиција во Калифорнија ја запрела пејачката откако била забележана како преминува меѓу лентите на автопат 101.

Потребни ѝ биле 15 секунди за да одговори на полициските сигнали за да застане. Кога конечно запрела и го спуштила прозорецот, полицаецот почувствувал силен мирис на алкохол од возилото.

Потоа Спирс се расправала со полицајците околу десет минути, пред да се согласи да излезе од автомобилот. Таа им рекла дека „не ѝ се допаѓа“ што ѝ е наредено да излезе, наведувајќи загриженост за сообраќајот. Кога полицајците понудиле да ја однесат на побезбедно место, таа одбила и дала контрапонуда.

„Ќе ви зготвам нешто, лазањи, што сакате. Имам базен“, им рекла, инсистирајќи дека е „совршено добро“ и дека може да вози.

Кога излегла од автомобилот, изгледала видливо нестабилна на нозе, а полицајците известиле дека зборувала „брзо и нејасно“. Тие исто така забележале дека за време на средбата покажувала „драматични промени во расположението“ и дека понекогаш зборувала со британски акцент.

Додека ѝ ставале лисици, камерата ја снимила како ги прашува полицајците: „Чекај, дали ми го зедовте телефонот?“ Полицаецот ја уверил дека сè уште е во нејзината чанта.

Спирс им кажала на полицајците дека околу шест часа претходно испила коктел и дека воопшто не се чувствувала пијана. Потоа наводно му рекла на еден од полицајците: „Веројатно би можела да испијам четири шишиња вино и уште да ве чувам. Јас сум ангел“.


Таа исто така открила дека зела „ламиктал“, лек што се користи за лекување на биполарно растројство. Претресот на автомобилот открил и шишемце „адерал“, амфетамински препарат што најчесто се препишува за АДХД и нарколепсија, кој не ѝ бил препишан, како и чаша вино во држачот за чаши на предното седиште.

Два алкотеста спроведени околу еден час по запирањето покажале концентрација на алкохол во крвта од 0,06 и 0,05, и двата под законската граница од 0,08 во Калифорнија. На пејачката ѝ бил земен и примерок од крв за тестирање за дрога, чии резултати не биле вклучени во извештајот. Спирс била ослободена утрото по нејзиното апсење.

Ова не е првпат пејачката да ги „освои“ насловните страници поради нејзините проблеми со возењето. Во октомври лани, на интернет се прошири видео на кое наводно се гледа како таа вози несовесно пред ресторан.