За време на синоќешниот концерт на Рики Мартин во Црна Гора, по повод прослава на Денот на независноста на државата се случи инцидент што предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
Имено непознати лица фрлиле солзавец во публиката поради што настапот на светската ѕвезда на кратко морал да биде прекинат.

Црногорските портали ја потврдија веста, пренесувајќи дека солзавецот бил фрлен директно под бината, што веднаш го прекинало настапот. Луѓето почнале да си одат, во паника се туркале и газеле едни со други. Кога сè се смирило, публиката се вратила на концертот, а Рики Мартин повторно излегол на сцената.
Набргу по инцидентот црногорските граѓани почнаа да го изразуваат своето разочарување на социјалните мрежи, истакнувајќи дека однесувањето на поединци ја уништило вечерта на илјадници луѓе.

„Моите очи никогаш не виделе вакви селјаци, а се чини дека живееме во ист град“ напишал корисник на Икс со статијата за инцидентот.
Некои, од друга страна, споделија пореволтирани реакции.
„Ако не го истепаме Рики, ништо не сме направиле вечерва. Какви говеда сме ние“ напишал друг корисник, очигледно разочаран што концертот бил прекинат на толку срамен начин.
Извор кој присуствувал на концертот тврди дека во еден момент меѓу публиката настанал целосен хаос.

„Луѓето за секунда почнаа да се вртат и да бегаат кон излезите. Се слушна вресок, сите гледаа што се случува околу бината. Музичарите веднаш ја напуштија бината, а обезбедувањето влета во толпата. Исто така, дојдоа и многу полицајци, беше општ хаос. Неколку минути изгледаше многу драматично, никој не знаеше што точно се случило. Луѓето мислеа дека е бомба“, изјавил извор за српски Информер, додавајќи:



„Сепак, штом ситуацијата се смири, организаторите порачаа дека нема причина за паника. Кога Рики се врати на сцената, публиката буквално експлодираше, но овој пат од среќа и возбуда. Сите пеевме едногласно „Livin‘ la Vida Loca“, како ништо да не се случило, но ова е навистина голема срамота, зошто луѓето го прават ова“, заклучил изворот.










