Индискиот магнат Ананта Амбани, син на милијардерот Мукеш Амбани, понуди во својот резерват за диви животни во Индија да прими 80 „кокаински нилски коњи“ кои моментално живеат во Колумбија, каде владата планира да ги отстрани со отстрел.
Овие нилски коњи потекнуваат од животни кои во 80-тите години од минатиот век ги донел Пабло Ескобар, еден од најпознатите колумбиски нарко-босови, кој сакал да поседува една од најголемите приватни зоолошки градини во Латинска Америка со разновидни животни. Овие животни природно живеат во Африка, а на континент каде немаат природни непријатели, нивната популација во меѓувреме пораснала на околу 160 единки, а нивното присуство сега ги загрозува автохтоните видови. Пред неколку недели Колумбија соопшти дека планира отстрел на 80 од овие животни, што предизвика широка дебата.
Амбани побара од колумбиската влада да ја преиспита таа одлука, предлагајќи тие да бидат сместени во неговиот центар за спасување, пренесува „CNN“.
„Овие нилски коњи не избраа каде ќе се родат, ниту ги предизвикаа околностите со кои сега се соочуваат“, наведе тој во објава на социјалните мрежи. Овие животни „се живи, свесни суштества и ако имаме капацитет да ги спасиме со безбедно и хумано решение, имаме одговорност да се обидеме“.
Амбани го основал Центарот за заштита на природата „Vantara“ во градот Џамнагар, во сојузната држава Гуџарат, во кој, според официјалната веб-страница, се наоѓаат повеќе од 150.000 животни од над 2.000 видови.
Токму таму предлага да се преместат 80-те колумбиски нилски коњи, кои моментално живеат околу хациендата „Nápoles“, рурален комплекс во Пуерто Триунфо, кој некогаш му припаѓал на Ескобар, а денес се користи за туристички цели.

„Подготвени сме да ги примиме и да се грижиме за овие нилски коњи во специјално дизајнирана и збогатена средина, осмислена да ја гарантира нивната благосостојба и воедно да ги одразува клучните карактеристики на нивното сегашно живеалиште“, се наведува во соопштението објавено во понеделник, кое во име на Амбани го потпиша генералниот директор на „Vantara“, Виван Карани.
Во писмо испратено до колумбиската министерка за животна средина и одржлив развој, Ирена Велез Торес, раководството на „Vantara“ „со почит поднесува жалба“ на одлуката на колумбиската влада.
Доколку колумбиската влада го одобри барањето, сè би било спроведено „строго во согласност со потребните одобренија, дозволи, процедури за проверка, биосигурносни барања и логистичко планирање“, објасни Карани, нудејќи доживотна грижа за животните според принципот „ненанесување штета на кое било живо суштество“.
Претставниците на „Vantara“ наведоа дека се „целосно подготвени“ да започнат дијалог со колумбиската влада за да ја анализираат иницијативата и изразија намера да се сретнат со претставници на администрацијата на претседателот Густаво Петро, на кои им упатиле покана да ги посетат објектите на центарот.

Амбани, основач на „Vantara“ и син на претседателот и извршен директор на компанијата „Reliance Industries Limited“, која се смета за најголема приватна компанија во Индија, вели дека е голем љубител на животни.
„Во животните го гледам Бог, а „Vantara“ е храм“, вели тој. Во меѓународните вести влезе во 2024 година кога се ожени со Радика Мерчант, на свадба на која ѝ претходеа раскошни прослави што траеја со месеци.
Инвазивен вид на друг континент
Одлуката за отстрел на 80 единки е донесена поради неконтролираниот раст на овој инвазивен вид во сливот на реката Магдалена, изјави министерката Велез при објавувањето на одлуката.
„Без оваа мерка невозможно е да се контролира популацијата и, како што веќе видовме, проценките покажуваат дека до 2030 година би можеле да имаме најмалку 500 нилски коњи кои влијаат на нашите екосистеми и автохтони видови, како морските крави и речните желки. Токму од одговорност кон нашиот екосистем мора да ги преземеме овие чекори“, изјави таа на прес-конференција на 13 април.

Неколку недели претходно, колумбиското Министерство за животна средина соопшти дека ги разгледува алтернативите како преместување на дел од животните во земји како Еквадор, Перу, Филипини, Индија, Мексико, Доминиканска Република, Јужна Африка и Чиле, но дека тие опции не биле усвоени „поради меѓународни ограничувања и оперативни пречки“.
Нилскиот коњ беше ставен на листата на инвазивни егзотични видови во Колумбија во март 2022 година, што подоцна ѝ овозможи на владата да развие мерки за контрола на овој вид, која живее меѓу 40 и 50 години.









