Ули Хенес е важен дел од супервизорскиот дел на Баерн Минхен и се уште влече важни конци кога се носат клучни одлуки за иднината на клубот, па така беше и случајот кога пред неполни две години му се даде шанса на млад стручњак кој испадна од Премиер лигата.
Венсан Компани испадна од англиската елита со Барнли и никој не можеше да поверува кога доби вистинска шанса од Баерн Минхен, но две години подоцна, сите во клубот се горди што донесоа одлука која се покажа како полн погодок.
Баерн игра страшен фудбал и вчера ја завери 35-та титула во Бундеслигата, но тимот е во игра за уште два трофеи до крајот на сезоната, оној во Купот и во Лигата на шампиони.
Ули Хенес како елитен директор на баварците даде коментар за новиот успех во германскиот фудбал, при што реши да издвои што е она што го прави посебно горд кога е во прашање тимот на Компани.
– Ова не се случило никогаш во историјата на Баерн Минхен, тимот никогаш не изгледал толку сплотено како сега. Ова го нема направено ниту еден друг тренер на Баерн Минхен. Сега нема кланови во овој тим на Баерн, сите работат како едно, а тука мислам на играчите, на целиот стручен штаб, на физиотерапевтите, како и на директорите.
– Сите се прашуваа како му даваме шанса на човек кој испадна со Барнли во Втора лига, многумина не веруваа во него, но кога се сретнавме со Венсан и неговиот татко, после половина час го фатив Макс Еберл за нога и му подигнав палци. Знаев дека Венсан ќе биде вистинскиот избор за Баерн.
– Компани го апострофираше зборот „работа“ како главен во својата анализа и тоа посебно ми се допадна. Тој е добар пример за цела наша земја, многумина мислат дека ова го остварил без многу работа, но тоа е целосно спротивно. Венсан прв доаѓа во тренинг центарот во 7 и 30 наутро и последен си оди вечерта. Може да гледаме колку ужива во работата и никогаш не се жали ако некој играч се повреди. Тој направи подобра верзија од секој играч во тимот, вклучувајќи го и Хари Кејн, а тоа според мене е вистинска уметност, – изјави Хенес.











