Организација Мис Универзум објави појаснување откако актуелната мисица Фатима Бош се најде на удар на критики поради советот што неодамна им го даде на потенцијалните натпреварувачки.
Бош минатиот месец на форум за жени во Ел Салвадор изјавила дека „никому не би му препорачала да се пријави на изборот за убавина“, што предизвика бројни реакции. Во изјава за „People“, портпаролот на организацијата истакнал дека нејзините зборови биле подложни на различни толкувања.
Што точно рекла Бош?
Говорејќи кон крајот на март на форумот „Жени кои трансформираат“ во Санта Текла, Ел Салвадор, 25-годишната Бош добила прашање од публиката каков совет би им дала на жените кои размислуваат да влезат во светот на изборите за убавина. Мексиканката, која беше крунисана за Мис Универзум на 21 ноември минатата година, дала неочекуван одговор.

„Па, искрено, никому не би му препорачала да се пријави на изборот за убавина“, рекла таа. Потоа нагласила дека влијанието на круната Мис Универзум зависи од личноста која ја носи. „Ако имате важен проект, нешто на што сакате да му дадете видливост, и оваа платформа ја гледате како алатка за постигнување на таа цел, тогаш само напред“, ѝ порачала на публиката.
„Да бидам искрена, а верувам дека Бог ме поставил тука, сигурно не избрав да влезам во натпреварот во традиционална смисла“, продолжила таа. Наместо едноставно да го поттикнува учеството, Бош ги советувала оние кои сакаат да се испробаат во светот на изборите за убавина, најпрво да работат на проект во кој веруваат дека може да остави трајно влијание.
„По победата ми беше многу тешко, главно затоа што овие избори не се навикнати на ’вистинска‘ жена: жена која не одговара на точните мерки што ги бараат или жена која навистина има сопствен глас“, рекла таа, нарекувајќи го искуството од носењето на титулата Мис Универзум „застрашувачко“.
Реакција од организацијата
Осврнувајќи се на нејзините коментари, Мигел Анхел Мартинез, портпаролот на организацијата Мис Универзум, во изјава за „People“ рекол: „Неодамнешните изјави на Фатима се подложни на различни толкувања на различни платформи“.
„Таа појаснува дека нејзината намера не била да го обесхрабри учеството на изборите за убавина или да ја доведе во прашање нивната вредност, туку да нагласи дека тоа е еден од многуте достапни патишта за жените да го изразат својот глас, својата цел и своите амбиции“, се наведува понатаму во изјавата. „Повеќе од седум децении Мис Универзум служи како глобална платформа што ги поддржува и ги издигнува жените во различни области“, додал тој.
Претходни контроверзии
Патот на Фатима Бош до круната на Мис Универзум беше обележан со неколку контроверзии, а најзначајна беше судирот со извршниот директор на изборот, Нават Итсарагрисил, за време на настанот што му претходеше на натпреварувањето во Тајланд.
На почетокот на ноември минатата година, Итсарагрисил за време на пренос во живо разговарал со натпреварувачките за своите очекувања тие да ја „промовираат земјата домаќин“, при што особено ја прозвал Бош поради наводно одбивање да учествува на фотографирање, а Бош станала за да ги демантира тие тврдења.

Кога ја прашал зошто сè уште стои, мисица одговорила: „Затоа што имам глас“, додавајќи: „Не ме почитувате како жена“. Итсарагрисил повикал обезбедување, по што Бош ја напуштила просторијата, а по неа тргнале и неколку други натпреварувачки.
Итсарагрисил подоцна се извинил за жестоката расправија во видео објавено на неговиот Инстаграм. Обраќајќи им се на натпреварувачките, рекол: „Ако некој не се чувствувал добро, ако некој не се чувствувал пријатно, ако некој бил погоден, им се извинувам на сите“.












