[ФОТО] Сите го исмеваа, а сега сакаат да го посетат: Како „најгрдиот град во Европа“ стана туристичка атракција

Точка

12/04/2026

13:34

646

Големина на фонт

а а а

Често слушаме за европски градови што воодушевуваат со архитектурата, атмосферата и историјата, но постои и една сосема поинаква приказна — онаа за место кое од својата наводна грдотија направило уникатен туристички магнет.

Станува збор за белгискиот град Шарлероа, кој пред неколку години беше наречен најгрдиот град во светот поради запуштената индустриска инфраструктура, напуштените фабрики, недовршените станбени комплекси и сивиот урбан изглед.

По економскиот колапс на тешката индустрија во текот на 1990-тите и 2000-тите, градот доживеал пад, отпуштања и затворање на постројки, а во еден дел од регионот дури престанал да функционира и железничкиот сообраќај, што дополнително го нарушил неговиот имиџ.


Наместо да очајуваат, локалните жители ја свртеле ситуацијата во своја корист и го искористиле епитетот „најгрдиот“ како неочекувана предност.

Туристичките агенции почнале да нудат тури низ најмрачните и најдепресивните делови на градот како своевидна егзотична атракција, автентичен „урбан сафари“ низ напуштени индустриски зони, згради украсени со графити и мрачни сцени што на други места би биле прикриени.


Таа необична понуда привлекла љубопитни посетители од цела Европа и пошироко, претворајќи ја критиката во извор на приходи за градот.

Со приливот на туристи пристигнале и пари за промени: биле асфалтирани нови сообраќајници, отворени трговски центри и паркови, биле спроведени акции за обновување на ранливите населби, а безбедносните операции помогнале во намалувањето на криминалот.


Она што некогаш изгледало како симбол на пропаѓање, сега служи како необична, но автентична туристичка понуда — напуштените фабрики и најмрачните улици на градот денес се главни атракции, често прикажани без реставрација за посетителите да ја почувствуваат суровата реалност и специфичниот дух на местото.


Многумина жители на Шарлероа велат дека се горди што успеале својот град да го претворат од „симбол на грдотија“ во туристичка приказна.


„Беше тешко да се гледа како луѓето си заминуваат, но сега се чувствуваме препознатливо. Туристите доаѓаат поради она што е автентично, а не поради тоа што е совршено“, објаснил еден локален водич.

Кога станува збор за Балканот со титулата „најгрд град“ се поврзуваа босанската Зеница, како и нашето Тетово но и црногорскиот главен град Подгорица.


Од друга страна Шарлероа покажува дека и „грдите“ градови можат да станат привлечни ако локалното население знае како да ги искористи своите уникатни приказни и автентичност, а на Балканот му останува да се инспирира од овој концепт.