Пари Сен Жермен е домаќин на Ливерпул во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите, меч во кој „светците“ влегуваат како големи фаворити на хартија.
Има повеќе причини за тоа, формата и играта на двете екипи, фактот дека ПСЖ игра на домашен терен и воедно е актуелен европски шампион…Меѓутоа Луис Енрике долго време е на оваа сцена, прво како играч, сега и како тренер и добро знае што носат овие битки и јасно посочи дека фаворити во вакви соочувања не постојат.
-Работата на менаџерот е да најде начин да постигне добри резултати. Секоја година е различна од минатата и не можеме да работиме на ист начин како минатата година. Најмногу се надевам дека ќе го задржиме идентитетот на тимот за да можеме да играме добар фудбал и да уживаме во натпреварувањето во Лигата на шампионите.
-Не е важно кои се фаворитите или кого вие ги сметате за фаворити. Во натпревари како овој, против тимови како овој, невозможно е да се избере фаворит, -рече Лучо и додаде:
-Не мислам дека мојот тим е јасен фаворит. Ако се сеќавате минатата година, сите велеа дека Ливерпул е јасен фаворит, но Пари Сен Жермен помина понатаму. Што се однесува до мене, нема јасен фаворит. Ливерпул е тим од врвна класа, а верувањето дека сте јасен фаворит е најбрзиот начин да паднете во стапица и да ги уништите работите, -подвлече Шпанецот.
ПСЖ-Ливерпул лани одиграа два натпревари со многу шанси, но и по само еден гол за гостинските екипи по што тимот од Лига 1 славеше на пенали.








