Замор што не исчезнува: Што всушност се случува додека „одмарате“ пред екранот?

Точка

04/04/2026

11:46

368

Големина на фонт

а а а

Во свет во кој одморот стана синоним за скролање, границата меѓу опуштањето и исцрпеноста станува сè потенка. Се будиме со екран и со него го завршуваме денот. Иако денес сè повеќе занимања се онлајн и голем дел од работното време го поминуваме пред екрани, ништо поразлично не е ни со нашето слободно време.

Според глобалните податоци, просечна личност поминува повеќе од шест часа дневно пред екрани, додека кај помладите генерации таа бројка надминува и седум. Истовремено, сè повеќе истражувања укажуваат на истиот образец: колку повеќе време поминуваме во дигиталната средина, толку почесто се соочуваме со пад на енергијата, концентрацијата и општото задоволство. Исто така, бескрајното скролање не само што предизвикува незадоволство, туку нарушува и еден од основните предуслови за здравје – квалитетниот сон.

Анализа на OECD, спроведена во повеќе од десет земји, покажува дека лицата кои поминуваат повеќе од пет часа дневно пред екрани имаат значително поголем ризик од полошо ментално здравје во однос на оние кои екраните ги користат умерено.


Кога последен пат легнавме да спиеме без да погледнеме нешто „набрзина“ на интернет? Без да отвориме ТикТок, Инстаграм, да погледнеме уште едно видео за мотивација, подобро здравје или хигиена, уште еден од оние смешни клипови што сигурно ќе нè насмеат и ќе нѝ го подобрат расположението?

Истовремено, кога последен пат се разбудивме без главоболка, наспани, насмеани и расположени – без потреба веднаш, дури и пред да ги отвориме очите, да посегнеме по телефонот?

Парадоксот е едноставен: никогаш не сме имале повеќе можности за опуштање, а всушност не се опуштаме. Можеби наместо скролање сме избрале прошетка, кафе со пријатели или тренинг, но нотификациите и понатаму не престануваат. Мислејќи дека е тоа само кратко видео, порака или известување, посегнуваме по телефонот и повторно го активираме мозокот.

Луѓето во просек го проверуваат телефонот повеќе од 50 пати дневно, што создава постојана дистракција и нè оддалечува од реалниот живот во секојдневието.

Заморот што го чувствуваме често не е последица на физичка работа, туку на постојана ментална стимулација без вистински одмор. На крајот од денот легнуваме во кревет исцрпени, иако нѝ бил слободен ден или сме работеле пократко од вообичаено.

Мини детокс како решение

Во морето од брза храна и брз начин на живот често посегнуваме по брзи детокс решенија – вода со чиа семе или разни напитоци што би требало да го „исчистат“ организмот, но што ако на сличен начин почнеме да ги чистиме и сопствените мисли, создавајќи простор за ментален одмор?


30 минути без телефон по будењето

Ниту една информација не е толку итна што не може да почека да се разбудиме природно, да се разбудиме целосно и да го започнеме денот. Утринската нега, туширањето, подготовката на појадок и средувањето без телефон се мали промени што долгорочно можат да донесат големи придобивки.

Читање книга пред спиење

Иако можеме да читаме и преку екран, сината светлина нè буди и може да го наруши сонот. Неколку минути читање книга може да помогне да се опуштиме и да се „исклучиме“ по напорен ден, без дополнително преоптоварување со содржина.

Кратка прошетка без телефон

Дали некогаш сте се нашле во ситуација да сте прошетале, а да не се сеќавате што всушност сте виделе? Една од причините е постојаното проверување на нотификациите. Кратка прошетка на свеж воздух, со свесно набљудување на околината, може постепено да нè одвикне од постојаната потреба за стимулација.

Решението можеби не е во целосен дигитален детокс, туку во мали паузи што ги враќаме во секојдневието – моменти без екран, без содржина и без потреба постојано да бидеме стимулирани.