[ФОТО] Легенда која ќе живее вечно, вака зборуваше Ѓорѓи Колозов за неговите ќерки: „Живеачката си ја тераат пролетерски, имаат своја филозофија“

Точка

25/03/2026

11:52

2.199

Големина на фонт

а а а

Досега малку познати детали од приватниот живот на легендарниот Ѓорѓи Колозов повторно го разбудија интересот на јавноста, откако беа споделени на фејсбук-страница посветена на неговиот лик и дело.

Зад насмевката и харизмата со кои ги освои генерации гледачи во „македонските народни приказни“, се криела и една тивка, интимна приказна – исполнета со предизвици, љубов и моменти кои ретко стигнувале до очите на јавноста. Токму овие фрагменти од неговото секојдневие денес фрлаат ново светло врз човекот кој стоеше зад едни од најомилените телевизиски ликови.

„Во 1990 година, допишувачи на култното списание ‘Екран’ го посетија домот на Ѓорѓи и Шенка Колозови. Овојпат разговорот беше посветен на приватниот живот на актерското семејство, а посебно внимание им беше дадено на нивните ќерки, Катерина и Кристина“, пишува на Фејсбук страницата, чиј администратор е Горан Марковски.

На новинарското прашање: „Како живеат вашите ќерки, со што се занимаваат?“, Колозов одговорил: „Сметам дека живеат добро. Пред сè, немаат некои преголеми и нереални барања: не бараат некоја специјална гардероба, некои бесови. Мислам дека живеачката си ја тераат онака, пролетерски, имаат своја филозофија на живот, фрлени се на наука“.

Потоа, Колозов зборувал за помалата ќерка Кристина, која глумеше во позната телевизиска серија од 1980-тите, која уште се памети, но и во други улоги во филмови и серии.

„Тоа е Кристина. Сними 36 епизоди од ‘Случки од животот’, играше и во филмот ‘Мемо, мојот татко’, турско-германска копродукција. Убава улогичка играше кај режисерот Изет Акаи. Па и во ‘Пат на југ’ играше една мала епизода… Играше и во ‘Еурека’ чат-пат на телевизија… Но нема артистички амбиции“, рекол Колозов.


Потоа администраторот на Фејсбук страницата додава:

„Во кратки црти, од овој дел произлегува дека: Катерина и Кристина се опишани како скромни, без големи материјални барања, со интерес кон науката, а Кристина уште како мала имала повеќе телевизиски појавувања, иако според Ѓорѓи немала намера да гради артистичка кариера.

Фотографиите кои ви ги прикажуваме се од една друга средба со семејството Колозови од 1987 година. Извор: Екран (1990)“, пишува на Фејсбук страницата.