Понекогаш музиката се раѓа од тишината. Токму од таков момент на размислување и емоција произлезе новата песна „Дишам“ на македонскиот автор и изведувач Дарко Андонов – ДААН.
Композицијата е искрена музичка исповед која ја носи атмосферата на времиња кога луѓето чувствуваат празнина, но и потреба повторно да најдат сила да продолжат.
Музиката и текстот се дело на самиот Андонов, додека аранжманот, миксот и мастерингот ги реализира Кире Јакимов. Песната е снимана во студиото DAAN MUSIC PRODUCTION, каде авторот работи на своите музички проекти.
„Ова е една од оние песни кои не се пишуваат со намера да станат хит, туку едноставно се појавуваат кога човек има потреба нешто да каже“, вели Андонов.
Според него, „Дишам“ е песна која зборува за внатрешната борба помеѓу болката и надежта, моментот кога човек застанува, размислува и повторно го пронаоѓа својот здив.
„Во еден период сите почувствувавме дека нешто недостасува во воздухот околу нас. Таа празнина беше мојата инспирација, празнина која настана кај сите нас пред една година по трагедијата во Кочани, празнина која тешко се пополнува“.

Визуелното видео за песната е реализирано од самиот Андонов со помош на AI технологии, создавајќи минималистичка, но емотивна визуелна приказна што ја следи атмосферата на музиката.
Песната „Дишам“ премиерно е објавена на неговиот YouTube канал на 17 Март, а авторот се надева дека таа ќе допре до публиката и ќе може да се слушне и почувствува целата нејзина емоционална длабочина.










