Знаци на дебелина кај децата што родителите често ги занемаруваат: Еве на што треба да обрнете внимание

Точка

18/03/2026

13:30

356

Големина на фонт

а а а

Дебелината кај децата станува сè почест проблем, а важно е навреме да се препознаат првите знаци за да се спречат посериозни последици по здравјето.

Иако многу родители веруваат дека лесно можат да забележат вишок килограми, во пракса често се случува детето веќе да влезе во зоната на дебелина пред тоа да стане очигледно. Прекумерната телесна тежина во детството може да има долгорочни последици.

Поврзана е со поголем ризик од развој на болести како што се дијабетес тип 2, покачен крвен притисок, проблеми со срцето, како и заболувања на црниот дроб и бубрезите. Освен тоа, може да влијае и врз општата состојба на организмот и здравјето во возрасната доба.


Причините за дебелина се различни и често меѓусебно се преплетуваат. Кај некои деца постои склоност кон дебелеење што е поврзана со семејните навики, но клучна улога сепак имаат начинот на исхрана и нивото на физичка активност. Сè почестото консумирање брза храна, засладени пијалаци и големи порции, заедно со намаленото движење и повеќе време поминато пред екраните, дополнително ја влошуваат ситуацијата.

Иако промените во тежината може да бидат очигледни, постојат и суптилни знаци што укажуваат на проблем. Децата со вишок килограми често имаат послаба физичка издржливост и потешко ги следат врсниците во игра. Може да се појави и отежнато дишење за време на активности, како и ’рчење или прекини во дишењето за време на спиењето.

Исто така, честите жалби на болки во колената, колковите или зглобовите може да бидат последица на оптоварувањето на телото, додека кај некои може да се појави и отекување на нозете. Зголемувањето на телесната тежина може дополнително да ги влоши постојните тегоби како што се астма или киселини.


Дополнителни симптоми на кои треба да се обрне внимание вклучуваат главоболки, болки во стомакот, зголемена поспаност во текот на денот, како и долготрајно покачен крвен притисок или промени во расположението.

Препознавањето на овие знаци навреме може да им помогне на родителите да реагираат и да го насочат детето кон поздрави навики, со што значително се намалува ризикот од сериозни здравствени проблеми во иднина.