[ВИДЕО] За влакно избегнал смрт во лифт: Сакал да излезе, па едвај останал жив, надзорната камера снимила сè

Точка

10/03/2026

20:43

764

Големина на фонт

а а а

Жител на една станбена зграда во индискиот град Валсад доживеал драматичен момент кога за влакно избегнал тешка несреќа додека се возел со лифт.

Морничавиот момент го забележала надзорната камера во лифтот, а снимката покажува колку малку недостигало инцидентот да заврши многу посериозно. Несреќата се случила во зградата Сабармати, која е дел од станбениот проект „Mukhya Mantri Awas Yojana“.

На снимката од надзорната камера се гледа како лифтот ненадејно почнува да се движи нагоре со голема брзина, иако вратите сè уште биле отворени. Токму во тој момент мажот веќе се обидувал да излезе од кабината.

Се здобил со тешка повреда на главата

Станува збор за Ватсал Панчал, жител на деветтиот кат, кој со лифтот се спуштал до приземјето. Кога вратите се отвориле и тој стапнал со едната нога надвор, кабината ненадејно тргнала нагоре, создавајќи опасен јаз меѓу катот и лифтот.


Панчал во последен момент успеал да ја повлече ногата и да се извлече од кабината, со што избегнал да остане заглавен или сериозно да се повреди. Сепак, за време на инцидентот се здобил со полесна повреда на главата, откако удрил во горниот дел од влезот во окното на лифтот, но набргу било утврдено дека не е во животна опасност.

Дефект во погонскиот систем

По инцидентот веднаш биле повикани техничари кои извршиле преглед на лифтот. Прелиминарните наоди укажале на дефект во погонскиот систем, поради кој лифтот можел да се активира дури и додека вратите биле отворени. Лифтот по настанот бил исклучен од употреба.

Надлежните покренале дополнителни проверки на сите лифтови во комплексот, кој вкупно има 36 лифтови. Тие биле инсталирани во 2016 година, додека станарите почнале да се вселуваат во становите во 2019 година, соопштија претставници на станарското здружение.

Овој станбен комплекс се состои од 18 згради, а секоја од нив има по еден поголем и еден патнички лифт. Станува збор за комплекс со 14 ката, кој вклучува пет кули со по 59 станови и уште 13 кули со по 119 станови.

„Детален преглед и поправка на сите лифтови ќе биде спроведен во наредните денови. Тим од техничари наскоро ќе започне со работа“, изјавил еден од претставниците на управата на комплексот.