Егзодус од Дубаи! Луѓе заминуваат со такси преку пустината, патуваат по 16 часа, побогатите изнајмуваат приватни авиони: „Од ова се плашам повеќе отколку од ракетите“

Точка

10/03/2026

19:37

1.773

Големина на фонт

а а а

Туристи и странски државјани, главно од Европа и Америка, зафатени од вителот на војната на Блискиот Исток, се организираат како знаат и умеат за да го напуштат Дубаи и другите популарни дестинации.

Ситуацијата на Блискиот Исток речиси две недели не престанува да врие, а конфликтот се прошири и на други земји. Британското Министерство за надворешни работи издаде предупредување и список на земји во кои не се препорачува патување поради конфликтот на Блискиот Исток.

Патниците се предупредуваат од какви било причини да не патуваат во големи делови од регионот, вклучувајќи:

- Иран

- Израел

- Палестинските територии

- Либан


Исто така се советува без голема потреба да не се оди ни во други заливски држави поради ризик од ирански и израелски напади, меѓу кои:

Обединетите Арапски Емирати (дом на Дубаи и Абу Даби)

- Катар

- Саудиска Арабија

- Бахреин

Покрај блискоисточните земји директно погодени од конфликтот, и околните држави се вовлечени во регионалните тензии, меѓу кои:

- Египет

- Кипар

- Турција

Британското Министерство за надворешни работи, сепак, не издаде препорака да не се патува во овие земји.

Воздушниот простор над неколку делови од Блискиот Исток и натаму е ограничен поради конфликтот, а летовите постепено се обновуваат преку контролирани авио-коридори во делови од регионот.

„Егзодус“ од Дубаи

Во меѓувреме, исплашени странци го напуштаат Дубаи и другите блискоисточни дестинации како знаат и умеат – со автобуси, такси возила, па дури и со приватни авиони – додека конфликтот не покажува знаци дека наскоро ќе запре.

„Daily Mail“ пишува за „егзодус“ од Дубаи.

Како што наведува весникот, некои побогати поединци изнајмувале приватни авиони по цени до 165.000 евра, додека други патувале исцрпувачки 12 до 16 часа со автобуси или такси од Дубаи до Ријад за да се вратат дома преку Саудиска Арабија.

Едно 12-члено семејство со куче летало од Оман до Турција со чартер лет што чинел повеќе од 165.000 евра, наведува весникот.

Водителка патувала 11 часа до Оман

Меѓу оние кои презеле очајнички мерки за да го напуштат Дубаи се и британската телевизиска водителка Вики Патисон и нејзиниот сопруг Ерџан Рамадан, кои патувале 11 часа за да стигнат до Оман и да фатат лет кон дома.

A little update... ♥️


We're so sorry for our radio silence over the last week, with everything unfolding the way it was...

Posted by Vicky Pattison on Sunday 8 March 2026

Во меѓувреме, самопрогласениот „гуру за недвижности“ Семјуел Лидс, кој претходно тврдеше дека Дубаи е „побезбеден од Лондон“, раскажа дека изнајмил приватен авион за „150.000 фунти“ (173.000 евра) за да го напушти емиратот, порачувајќи им на своите следбеници на социјалните мрежи: „Не знам зошто сите не го прават тоа“.

Цените скокнале во небо

Ветеранот од Заливската војна Дез Стил, кој им помага на странските државјани да ги напуштат Емиратите со логистички совети, изјави за „Daily Mail“ дека слушнал приказни за богати поединци кои плаќале и до 405.000 евра за приватен авион со 14 седишта за да ги напуштат Емиратите.

Според весникот, цената за изнајмување приватни летови меѓу Блискиот Исток и Лондон, со оглед дека за деветчасовно патување се потребни авиони со голем дострел, во еден момент достигнувала околу 220.000 евра, но би можела благо да опадне сега кога притисокот врз летовите, дури и од Дубаи, почнал малку да се смирува.


Заглавени во Дубаи

Сепак, не секој има можност или средства да изнајми приватен лет кој би го извлекол од зоната на конфликт. Меѓу оние кои се заглавени во Дубаи е и брачен пар од Британија, кој не успеал да стигне до Оман и да фати еден од претходните евакуациски летови организирани од британската влада.

„Ако одите во Оман, мора да стигнете до границата, а потоа да земете друго такси кое ќе ве однесе од границата до аеродромот. Мојата сопруга боледува од Кронова болест, па е невозможно да се размислува за долг копнен пат преку Ријад или Оман. Мојот лет требаше да полета на 28 февруари. Веќе бев во авионот, сите се качивме, и тогаш преку радио се слушна: „Жал ни е, воздушниот простор е затворен“ – изјави за „Daily Mail“ Пол Харт.

Токму тој ден САД и Израел започнаа напад врз Иран, кој набргу се прошири низ целиот регион.

„Излеговме од авионот по четири часа. За среќа успеавме да најдеме такси и да се вратиме во нашиот првичен хотел, бидејќи алтернативното сместување што ни го понудија беше распродадено за неколку секунди“, рече Харт.


„Повратни летови едноставно нема“

Лили Ман (25), инфлуенсерка заглавена во луксузен хотел во Дубаи, изјави дека оние кои успеале да го напуштат градот во пустината имаат среќа, бидејќи се соочува со растечки трошоци за живот и престој. Таа пристигнала во Дубаи со своето момче Џејмс на 26 февруари на еднонеделен одмор. Во последните неколку дена двојката бара начини да се врати дома, бидејќи нивниот лет за Манчестер бил откажан, па се нашле во ситуација или скапо да платат билет во еден правец или да чекаат неопределено време.

„Повратни летови едноставно нема“, изјави Лили за „Daily Mail“.

„Бевме многу несреќни, а оние што успеаја да заминат имаа навистина многу среќа. Малкуте летови што воопшто се појавуваат имаат само бизнис или прва класа, а цените достигнуваат и до 12.000 евра“, рече Лили, која со своето момче останала во хотелот, каде продолжениот престој ќе ги чини дополнителни 3.500 евра.


„Повеќе се плашам од затвор поради погрешна објава отколку од ирански ракети“

И покрај кризата на Блискиот Исток, не сите сакаат да го напуштат Дубаи или другите дестинации во регионот. Меѓу нив е британскиот инфлуенсер Бен Мос, кој за „Daily Mail“ призна дека многу повеќе се плаши да не заврши во затвор поради „погрешна“ објава отколку од смртоносни проектили.

Оние што живеат во Емиратите знаат дека им се закануваат сериозни последици ако ги критикуваат или навредуваат властите или ако ја нарушат репутацијата на земјата, за што се предвидени казни до 230.000 евра или пет години затвор и можна депортација. Тоа вклучува и снимки од напади со дронови или ракети кои би можеле да ги налутат локалните власти.

„Многу повеќе се плашам од казна или затвор поради објавување погрешна содржина отколку од ирански ракети и дронови“, изјави Мос.