Мицкоски: Нема недостиг од гориво, Македонија е со најниска цена во регионот

Макфакс

10/03/2026

13:17

382

Големина на фонт

а а а

Нема недостиг од гориво, Македонија е со најниска цена во регионот, одговори премиерот, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање за тоа какви мерки ќе бидат преземени во однос за стабилизација цените на нафтените деривати.

Тој вели дека на бензинските пумпи се создава гужва поради возачите од соседството кои доаѓаат да точат гориво кај нас. Вели дека Државниот пазарен инспекторат е континуирано на терен и дека нема прекини во снабдувањето.

„Видете, јас би го поделил одговорот во два дела. Првиот дел е фактот е дека како држава имаме убедливо најниска цена на нафтата и тоа во моментот можеби е добро од еден аспект, но од друг аспект во дел од пограничните општини, и посебно бензинските пумпи во пограничните општини, се создава притисок од соседството, бидејќи голем број од граѓаните од соседството доаѓаат да точат дизел гориво посебно. И затоа се случува да на некои бензински пумпи побргу од тоа што е очекувано да снема гориво. Но, тоа брзо се надоместува. Државниот пазарен инспекторат е континуирано на терен. Нема прекини во снабдувањето, но ако се има предвид, еве да речеме, ако е кај нас после нивелирањето на цената вчера од страна на Регулаторна комисија за енергетика, дизел горивото литар 1,39 евро центи. Да речеме, во соседна Албанија е 1,79, евро центи литар, односно 30% поскапо е и логично е да имаме притисок во западниот дел од државата. Исто така, во Србија е да речеме 1,73 евро центи, што отприлика некаде околу 25% поскапо од тоа што е во Македонија. Во Косово варира цената но достигнува до 1,52–1,53 евро центи, што е некаде околу 15%. Во Грција 1,59 евро центи, односно Косово е од прилика околу 10%, а во Грција 15%. Во Бугарија 1,41. Така што во регионот имаме во моментот, како што кажавме, граѓаните во Македонија имаат најниска цена за дизел горивото, а слична е цената и со бензинот 95 октани и 98 октани“, рече Мицкоски.


Премиерот вели дека има доволно количини нафта и дека добра вест е што цената на нафтата на светските берзи е во опаѓање.

„Очекуваме притисок и периодов кој што следи и имаме доволно количини, разговараме со дистрибутерите и со компаниите кои што ги снабдуваат граѓаните и македонската економија со нафта и нафтени деривати во моментот нема опасности од каков било недостаток. Ние како Влада продолжуваме да ја следиме состојбата. Можеби условно кажано е добра вест е што утринава од она што можев да го видам и брентот и останатите продукти на светските берзи се во опаѓање. Ако вчера го достигнаа пикот од 120 долара за барел, денеска веќе се тргуваат за некаде 90-тина долари за барел. Ја следиме целата состојба многу внимателно и во зависност од развојот на настаните така и ќе реагираме“, вели Мицкоски.


Премиерот Мицкоски во однос на предлогот на опозициската СДСМ, за прогласување кризна состојба, вели дека нема потреба од тоа.

„Јас неслучајно, не ги прокоментирав, бидејќи станува збор за прилично несериозни, неточни, непрецизни предлози. Бидејќи ако во еден момент ги слушате како создаваат хистерија за 600, 700, 800 евра минимална плата, а од друга страна велат да се избришат даноците, да нема данок на додадена вредност итн., па не враќа во едни други времиња, на соцболшевизам и еден вид на таква економија. Затоа се обидов воопшто да не ги коментирам творците на канабис економијата во Македонија, луѓе коишто буквално ја ограбија Македонија, ги понижија македонските граѓани, ја понижија државата. И понекогаш можеби и молкот е доволен одговор на некое прашање. Во моментот не гледаме потреба од прогласување на кризна состојба, токму поради овие аргументи за коишто веќе зборував“, рече Мицкоски.