Ковачевски: Веб – страниците за објавување на цените во супермаркетите се безуспешни

Макфакс

04/03/2026

14:47

171

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерот за економија Бесар Дурмиши кои се однесуваа на примената на Законот за забрана на нефер трговски практики.

Тој посочи дека и покрај донесениот закон, цените на храната бележат двоцифрен раст, а на терен се забележуваат сериозни отстапувања и драстични разлики во цените на идентични производи.

Ковачевски побара конкретни мерки со утврден рок за доследна примена на законот, како и одговор дали Комисијата за заштита на конкуренцијата е кадровски и технички екипирана за да се справи со нефер трговските практики на големите супермаркети.

Според него, без ефективна контрола, законот останува само формална алатка, додека товарот од зголемените цени го плаќаат граѓаните.

„Бевме сведоци дека имаше дополнителна акција од страна на државните институции за објавување на цените на супермаркетите, која заврши без успех, со оглед на тоа дека на веб-страниците осамнаа ПДФ-фајлови во кои буквално ниеден граѓанин не можеше да се снајде или да направи каква било проверка и споредба. Исто така, јавноста сè уште нема податоци за бројот на спроведени инспекциски контроли, поведени постапки и изречени санкции, освен едно санкционирано здружување, што дополнително ја доведе во прашање ефикасноста на примената на законот“, рече Ковачевски.

Ваквите резултати, според него, отвораат оправдано прашање за недоволната контрола на трговските маржини, нефер практики и отсуство на ефективен надзор согласно законот.