Келнер кој непријавен работел во „Пулс“ сведочи дека клубот имал само еден влез, имало малолетници, а пред пожарот со 63 жртви имало танчерки кои вртеле факели

Макфакс

26/01/2026

15:13

1.502

Големина на фонт

а а а

Првиот сведок на Обвинителството, 20-годишниот Кристијан Панов, на денешното судење за пожарот во кочански „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени кажа дека тој и брат му Андреј, кој загина во пожарот, работеле непријавени, во дискотеката и претходно се користеле запаливи средства за забава, дека имало само еден влез/излез за гостите и дека имало малолетни лица.

Панов сведочеше дека работел во „Пулс“ за викенди, на повик, а дневницата му била 1500 денари кои ги добивал пред почетокот на смената. Неговиот брат, пак, работел како шанкер.

Панов рече дека вечерта кога се случи пожарот, во „Пулс“ дошол во 02.20 часот. Објектот бил преполн. Бил излезен да испуши цигара кога слушнал како преку микрофон некој им кажува на гостите „излегувајте сите, ќе се вратиме“ по што настанал хаос од луѓе кои се обидувале да излезат. Сведочеше дека многумина се заглавиле на вратата, едно врз други на скалите кај влезот. Тој почекал малку да се расчисти метежот и влегол да го побара братот.


„Нешто падна врз мене, се распрсна и морав да излезам. Кога се вратив по вторпат го најдов брат ми пред влезот. Имаше многу тела, никој не беше при свест. Јас ги поместував телата за да го најдам брат ми. Тој веќе беше надвор, некој го извлекол кај влезот. Го познав по тетоважите“, сведочеше Панов.

Во болницата во Кочани му кажеле дека му дале адреналин на неговиот брат, се обидувале да го реанимираат, на кратко останал сам со него и тој се обидувал да го оживее се додека сестра од болницата не му кажала дека „во собата број два се тие што не дишат“.


На прашањето дали во „Пулс“ и претходно се користела пиротехника, Панов одговори дека на претходната забава со ди-џеи од Грција имало танчерки кои вртеле запалени факели. Во објектот Панов не забележал противпожарни апарати, но кажа дека додека бил надвор на цигара покрај него поминал газдата дејан Јованов со противпожарен апарат во рацете.

Обвинителството на денешното судење ќе повика уште четворица сведоци.

Во „Пулс“ влегол со билет за кој не добил фискална, никој не му побарал лична карта, а од стампедото го спасил обезбедувачот Столе, сведочеше Иван Данаилов

25-годишниот Иван Данаилов, гостин во „Пулс“ вечерта кога се случи пожарот, на денешното судење сведочеше дека во клубот влегол со билет за кој не добил фискална сметка, не му бил побаран документ за идентификација, а откога се случил пожарот и настанало стампедото, обезбедувањето му помогнало да излезе.

Данаилов во детали објаснуваше што се случувало ноќта кога се случи пожарот во „Пулс“. Бил повикан на роденден кај другар и во дискотеката стигнал 50 минути по полноќ.

„Пристигнав сам, купив билет од човекот кој секогаш продаваше билети, Тодор. Не ми даде фискална сметка, никогаш не сум добил фискална во таа дискотека“, кажа Данаилов.

На влезот имало двајца, но не се сеќава дали носеле ознаки дека се обезбедување. Едниот ги преземал билетите, а другиот ставал печати на рацете на гостите кои значеле дека имаат билет за таа вечер. Никој не му побарал документ за идентификација.

Данаилов сведочеше дека објектот, освен влезот преку кој тој влегол, има уште еден, лево од бината, но кажа дека никогаш не видел дека некој го користи.


Се сместил во првиот ред маси пред бината, дискотеката била полна и тешко се минувало меѓу масите. Меѓу гостите забележал малолетни кои лично ги познава. Бендот почнал со концертот во два часот по полноќ, а во 02.32 се случил пожарот. Данаилов во првиот момент не забележал дека нешто гори.

„Прво со другарите на масата не го видовме, беше директно над нашите глави, надвор од нашето видно поле. Потоа од бендот го видоа и рекоа на микрофонот дека настанал пожар, побараа помош, сопственикот да донесе противпожарни апарати, музиката престана“, сведочеше Данаилов.

Го послушал советот на пејачот и тргнал надвор. Пред да стигне до излезот настанало стампедо, веќе се било зачадено. Успеал да стигне до скалите, но некој пред него се сопнал па сите паднале на скалите еден врз друг. Никој не ги упатувал каде да се движат.

„Откако паднав на скалите, се сеќавам дека лежам најдолу, ги имав поминато сите скали. Пробав да станам, ама нозете ми беа приклештени од други луѓе. Пред мене се појави Столе од обезбедувањето. Му побарав помош, му пружив рака, тој ме фати и ме извлече од гужвата. Сакам јавно да му се заблагодарам за тоа“, рече сведокот Данаилов кој успеал да излезе од опожарениот објект без повреди.


И тој, како и претходниот сведок, потврди дека во „Пулс“ и претходно се користела пиротехника, но инциденти немало.

Полиција забележал дека има надвор, кога веќе излегол.

Во пожарот кој се случи на 16 март 2026 година во кочански „Пулс“ загинаа 63 лица, а над 200 се повредени.