Гастрономијата во еден момент стана повеќе од подготовка на јадења и нахранување. Таа стана своевидна уметност, а современите техники, како и технологиите, овозможија создавање деконструкции, пени, емулзии, подлоги…
И сето тоа е убаво, но повеќето луѓе сепак најмногу ги сакаат едноставните, традиционални вкусови и вистинскиот вкус и текстура на намирниците. Еден од гастрономски најсилните европски региони е секако Каталонија, која неодамна покрена прекрасен проект.
Бабите добија можност да покажат што знаат
Многу каталонски готвачи кои стекнаа светска слава со револуционерни техники и молекуларна гастрономија често истакнуваат дека со тоа само им оддаваат почит на едноставните јадења кои некогаш се служеле на бабината трпеза. Сега токму тие баби добија можност да покажат како изгледа „вистинската работа“!
Каталонската влада го покрена проектот „Gastrosàvies“, иницијатива која на постарите жени — а учествуваат повеќе од 100 — им дава простор преку видеоснимки да ги пренесат рецептите на традиционалната каталонска кујна на идните генерации. Иницијативата „Gastrosàvies“ во својот назив има игра на зборови што ги спојува каталонските изрази за храна, мудрост и баба, пишува „The Guardian“ во својата репортажа. И токму тоа е во фокусот: старите рецепти и „мудрата“ храна.

Нивната алатка е само остар нож и неколку лонци и тави
За овие традиционални готвачки не постојат гелови, пени, сферификации ниту течен азот: нивниот алат се само остар нож и неколку лонци и тави. Проектот досега собра повеќе од 300 рецепти од цела Каталонија, а дел од видеоснимките веќе се објавени. Наскоро уште повеќе од нив ќе бидат достапни на страницата на проектот.

Бабите подготвуваат наизглед едноставни јадења, полни со локални и свежи вкусови
Бабичките подготвуваат наизглед едноставни креации, како ориз со зелка и грашок, супа од мајчина душица, пилешко со јаболка, патка со репка или свински котлети со костени. Но на секој од тие рецепти додаваат по некој свој трик, детал што го прави јадењето уште подобро, при што го прикажуваат и деталниот процес на подготовка. Гледајќи ги тие видеа, за миг ќе се вратите во времето кога се готвело од она што било при рака и во сезона, користејќи основна опрема и техники што се пренесувале со генерации.

Вакви рустикални јадења сè уште можат да се најдат во руралните делови на Каталонија, но во Барселона стануваат сè поретки. Таму се поттиснати од страна на пиците, ќебапите, раменот, сушито и насекаде присутните аргентински емпанади.
Гастрономијара полека се враќа кон корените и поедноставните јадења
„The Guardian“ посети некои од готвачките кои учествуваат во проектот и ја пренесе нивната приказна и впечатоци. Иако сите тие во семејството биле сметани за врвни готвачки, никогаш не работеле во професионална кујна, а пораснале со едноставни јадења од сезонски и локални намирници кои ги подготвуваат и денес.
Една од нив, Марија Антонија Удина, за „The Guardian“ изјавила дека верува оти гастрономијата полека се враќа кон корените и поедноставните јадења, и дека се надева оти проектот „Gastrosàvies“ ќе ги поттикне децата и внуците да посегнат по традиционалните рецепти наместо по пица, хамбургери и инстант-резанци.















