[ВИДЕО] Тениската јавност бара одговори: Кој е виновен за големиот тениски скандал и како Египќанката за прв пат зела рекет в раце – Египетскиот тениски сојуз се огради од неа

Точка

08/01/2026

20:51

2.594

Големина на фонт

а а а

Тениската јавност и медиумите бараат одговори за пропустот на организаторот – Меѓународната тениска федерација (ITF), откако Египќанката Хаџар Абделкадер настапила на официјално натпреварување.

Само што започна 2026 година, а спортскиот свет се соочи со веројатно еден од најголемите скандали, па снимките од „ITF“ турнирот во Најроби долго ќе се паметат. Главна актерка била Хаџар Абделкадер, тенисерка од Египет која загубила со резултат 6:0 и 6:0 од германската тенисерка Лорена Шедел.

Шедел не само што победила тука на противничката ѝ препуштила само три поени во текот на целиот натпревар.


Двата од тие три освоени поени биле поради двојни сервис-грешки на противничката, а еднаш таа самата го удрила топчето во аут, па очигледно е на кој начин ги освоила и тие три поени.

Угледни тениски портали и јавноста бараат одговори од „ITF“ за начинот на кој Абделкадер добила специјална покана – „wild card“.

„Wild card“ вообичаено им се доделува на перспективни и талентирани тенисери, а бидејќи тоа очигледно не бил случај со Египќанката, се шпекулира и дека нејзиното учество било финансиски платено.

Абделкадер на теренот делувала трагикомично и очигледно е дека никогаш не држела рекет в раце, па дури ни на аматерско ниво. Ова ѝ бил прв официјален натпревар во кариерата.

Иако турнирот не е од висок ранг, станува збор за сениорски турнир на кој настапуваат професионалци, па целиот свет се прашува како се случил таков пропуст и како таа воопшто се нашла на турнирот. Особено внимание привлекле снимките од натпреварот на кои се гледа дека Абделкадер не ги знаела ниту тениските правила, па противничката ѝ објаснувала што треба да прави и каде да се позиционира пред сервис.

Бидејќи овој случај предизвикал бројни реакции во јавноста, за сè морал да се огласи и Египетскиот тениски сојуз. Тие дополнително ја засилиле мистеријата, порачувајќи дека ни тие не знаат која е таа, дека не е членка на сојузот, ниту има каква било врска со тенисот во Египет.


„Тенисерката не е регистрирана во евиденцијата на Египетскиот тениски сојуз, ниту е вклучена во кој било од официјалните списоци на машки и женски играчи. Ги проверивме достапните податоци и тие укажуваат дека моментално престојува во Кенија“, соопштил сојузот во официјално соопштение, а пренесоа арапските медиуми.

Тие додале и дека „wild card“, односно специјалната покана, најверојатно ѝ ја издал Кенискиот тениски сојуз.

„Ние немавме никаква улога или интервенција во тоа, било преку номинација, барање или одобрување. Нашата тениска федерација на ниту еден начин не учествуваше во процедурите за пријавување на тенисерката на турнирот или во нејзиното учество. Не поседуваме никакви технички, административни или натпреварувачки информации што се однесуваат на тенисерката или на околностите на нејзиното учество“, нагласил Египетскиот тениски сојуз.

Од друга страна се шпекулира дека Абделкадер им платила на организаторите за да добие шанса да се натпреварува.